Zehra Melek Çat,Berk Özkan
26 Јануари 2020•Ажурирај: 26 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред заминувањето за Алжир, на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул одржа прес-конференција на која зборуваше за земјотресот што во петокот навечер го потресе Елазиг, во источниот дел на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од под урнатините бројот на спасени лица достигна 45. За загинатите барам божја милост, на семејствата на загинатите им изразувам сочувство, а на ранетите им посакувам што поскоро заздравување“, изјави претседателот Ердоган во своето обраќање.
Ердоган истакна дека по земјотресот се ангажирани сите државни институции и со сите можности и капацитети се трудат да им излезат во пресрет на загрозените од земјотресот.
Турскиот претседател потсети дека министрите за внатрешни работи, здравство, животна средина и урбанизам веднаш се упатиле во загрозеното подрачје со цел да ја надгледуваат работата од самото место.
„Во најкус временски период на местото на земјотресот пристигнаа спасувачките екипи и сите видови потребни алатки и опрема. Преземени се сите видови мерки на претпазливост во пребарувањето и спасувањето на лицата погодени од земјотресот, во нивната евакуација и лекување и во обезбедувањето на храна и други потреби на лицата чии домови се урнати во земјотресот“, истакна Ердоган.
Тој рече дека вчера ги посетил Елазиг и Малатја и од самото место имал можност да види како се одвиваат спасувачките активности, додавајќи дека ги посетил и болниците во кои се сместени повредените од земјотресот.
„Заедно со заменик-претседателот Фуат Октај, министерката за социјална работа и семејство, Зехра Зумрут Селчук, бевме таму. Покрај тоа Црвената полумесечина и АФАД спроведуваат интензивни активности на теренот. Во овие зимски студени денови вложуваме максимални напори за да му помогнеме на населението чии домови се урнати или оштетени во земјотресот. Со единство и заедништво Турција започна да ги лекува раните од оваа голема катастрофа", рече Ердоган истанувајќи дека е за пофалба солидарноста што ја покалаж турскиот народ кон погодените од земјотресот, во што можел да се увери и на самото место, и во Елазиг и во Малатја.
„На ист начин, добивме голем број пораки на солидарност од пријателските и братски земји во светот. Уште еднаш, на жителите на Елазиг и Малатја и на сите други подрачја погодени од земјотресот, и на сиот наш народ, нека е со помин. Во свое име и во име на целата нација, им се заблагодарувам на екипите на АФАД, Црвената полумесечина, вооружените сили, жандармеријата и сите јавни службеници што речиси 36 часа безрезервно, со голема пожртвуваност, им помагаат на нашите сограѓани. Му се молам на Господ да нè заштити од секакви катастрофи“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека неговата посета на Алжир е со цел Турција да ја продлабочи својата соработка со земјите од африканскиот континент. Тој информираше дека во тие рамки, по Алжир, ќе ги посети и Сенегал и Гамбија. Во текот на посетата на Алжир, Ердоган би требало да се состане со претседателот Абделмаџид Тебун и да учествува на турско-алжирскиот бизнис-форум.
Кабинетот на претседателот на Турција информираше дека со потпишување на заедничката изјава од страна на двајцата претседатели, ќе биде формиран Совет за соработка на високо ниво меѓу Турција и Алжир. Покрај тоа, претседателот на Турција ќе ја посети и Гамбија, што е од историско значење, бидејќи тоа ќе биде прва официјална посета на турскиот претседател на оваа земја.
Од Кабинетот на претседателот Ердоган наведуваат дека во текот на посетите на африканските земји ќе бидат потпишани бројни договори насочени кон дополнително јакнење на билатералните односи. Во придружба на претседателот на Турција се наоѓа неговата сопруга, Емине Ердоган, а турската делегација ја сочинуваат бројни државни министри, вклучувајќи ги и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, и министерот за одбрана, Хулуси Акар.
Односите меѓу Турција и земјите од Африка добија значителен напредок откако Африканската унија во јануари 2008 година ја прогласи Турција за стратешки партнер на африканскиот континент.