Ердоган ги осуди обновените израелски напади врз Газа
Ердоган денес разговараше со финскиот претседател Александар Стуб за билатералните односи, регионалните прашања и глобалните случувања

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со својот фински колега Александар Стуб ги осуди обновените израелски напади врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Ердоган денес разговараше со финскиот претседател Александар Стуб за билатералните односи, регионалните прашања и глобалните случувања, соопшти Дирекцијата за комуникации на Туркије.
За време на телефонскиот разговор, Ердоган истакна дека повторените напади на Тел Авив врз Газа се „неприфатливи“ и ја повика меѓународната заедница да каже „стоп“ на, како што рече, геноцидната политика на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Турскиот претседател ја нагласи важноста од обновување на прекинот на огнот што е можно поскоро.
Во врска со тековната војна меѓу Москва и Киев, Ердоган истакна дека Анкара продолжува со напорите за постигнување праведен и траен мир и додаде дека Туркије очекува Русија да го прифати повикот за прекин на огнот.
Во однос на билатералните односи со Финска, тој нагласи дека Анкара е целосно посветена на продлабочување на соработката со Хелсинки, особено во одбранбената индустрија и борбата против тероризмот.
Израелската Армија рано утринава повторно го бомбардираше Појасот Газа, при што се убиени најмалку 404 лица, а стотици други се повредени, со што беше прекршен прекинот на огнот со палестинската група Хамас, кој беше на сила од 19 јануари.
Фотографиите од Газа покажуваат дека мнозинството жртви се цивили, вклучувајќи жени и деца, чии домови се уништени во нападите.
Во израелските напади, што започнаа од октомври 2023 година, убиени се над 48.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а Газа е оставена во урнатини.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.