Efsun Erbalaban Yılmaz,Halil Fidan
31 Октомври 2020•Ажурирај: 01 Ноември 2020
ИЗМИР
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган го посети подрачјето погодено од разорниот земјотрес во Измир каде се уште траат акциите на пребарување и спасување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган го посети и подрачјето Бајракли кое најлошо е погодено од земјотресот.
Турскиот претседател објави дека 103 лица се спасени под урнатините откако вчера земјотресот ги погоди турските егејски области.
Ердоган ги посети подрачјата погодени од земјотресот, а од Управата за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Турција (АФАД) го информираа претседателот за работата извршена по земјотресот.
Турскиот претседател рече дека досега во подрачјето погодено од земјотресот е испратена неповратна помош од 24 милиони турски лири (над 2,87 милиони долари), а во зависност од потребите ќе бидат уште вакви видови помош.
Нагласи дека 35 мобилни базни станици се испорачани во регионот, со 25 веќе инсталирани, додавајќи дека по остранувањето на отпадот, ќе започнат градежните работи на изградба на куќите за оние чии домови се срушени.
Ердоган додаде дека по катастрофата 88 земји ги пренесоа своите пораки на солидарност и желба за брзо опоравување.
Управата за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Турција (АФАД) претходно вечерва соопшти дека по разорниот земјотрес се регистрирани уште 615 потресувања на тлото.
Исто така, АФАД соопшти дека бројкаа на починати лица од земјотресот во Измир се искачи на 39.
Пребарувањата и спасувањето и понатаму продолжуваат во девет згради во Измир.