Orhan Onur Gemici,Ekip?
11 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, присуствуваше на програмата „Здив за иднината, здив за светот“ и рече дека Турција е лидер во Европа и четврта земја во светот по пошумување, јавува Агенција Анадолија (AA).
Истакнувајќи дека Турција со одлучни чекори продолжува да гради уште позелена и попросперитетна земја, Ердоган рече дека е поставена цел до 2023 година и 100-от роденден на Републиката да се засадат вкупно седум милијарди садници.
„Ќе продолжиме да се грижиме за природата, зеленилото, животот, градовите и историските природни убавини кои ни се дар од Бога“, рече Ердоган.
Ердоган рече дека Турција успеала да ја намали границата на интервенција за шумските пожари од 40 на 12 минути, и додаде дека границата ќе биде спуштена на помалку од десет минути.
Турскиот претседател рече дека секогаш има такви што критикуваат неосновано, а дека сега тоа се обидуваат да го прават истите оние што палеа и пљачкаа под плаштот на наводната борба за животната средина за време на протестите во паркот „Гези“ во Истанбул. Додаде дека истите тие критичари не ги споменуваат ПКК и пожарите што терористите ги подметнуваат со цел да ја загрозат Турција.
„За инает на луѓето чии срца се исполнети со омраза, раззеленеа и растат скоро сите садници што ги засадивме минатата година“, порача Ердоган.
Како дел од настанот, Турција започна уште една програма за учениците од основните училишта, наречена „Порасни садница од семка“. Ердоган појасни дека секоја година 12 милиони основци ќе добијат семe и саксии во кои до пошумувањето следната година ќе израснат свои садници.
По обраќањето, почна засадувањето садници во сите делови на Турција, но исто така и во најмалку 30 пријателски земји, меѓу кои и во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Азербејџан и други.
Со одлука на турскиот претседател Ердоган, 11 ноември минатата година беше прогласен за Национален ден на пошумувањето, што е потврда за грижата што Турција ја води за зачувување на животната средина во екот на глобалните дискусии за климатските промени.
На денешен ден минатата година, под слоганот „Здив за иднината“ низ цела Турција беше спроведен проект за засадување на 11 милиони садници. Со проектот координира Дирекцијата за шумарство на Турција. Минатата година во Турција беа срушени два светски рекорда, и тоа рекорд за најмногу засадени садници за еден час и рекорд за создавање најголема база на фотографии направени од граѓаните тој ден.
Иако ресорното Министерство на Турција имаше капацитет и ресурси самостојно да го финансира и спроведува проектот, на граѓаните им беше дадена можност да донираат садници преку интернет, сè со цел проектот да биде од општ карактер.