Burak Bir
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека од Европската Унија (ЕУ) не очекува санкции туку да го исполни даденото ветување за членство, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Турција од Европската Унија не очекува санкции туку исполнување на ветувањето за полноправно членство, кое со години се одложува“, рече Ердоган на прес-конференцијата по состанокот на Кабинетот.
Истакна, исто така, дека турската економија е подготвена за сите видови предизвици, но и на новонастаните прилики и сите останати различни сценарија.
„Одлучно ќе ги спроведеме потребните реформи кои ќе го подобрат инвестициското опкружување и ќе ја зајакнат климата која ќе ги елиминира сите сомнежи на инвеститорите“, рече Ердоган и додаде:
„Ако во минатото се изборивме со инфлацијата и ја намаливме на едноцифрена, сега тоа повторно ќе го постигнеме.“
Ердоган напомена дека Турција нуди бројни погодности и предности за инвеститорите.
„Нашето разновидно производство, логистички капацитети, силен синџир на снабдување, стимулации што ги нудиме и нашата динамична работна сила ќе ги воодушеви сите што инвестираат во Турција. Благодарение на силниот банкарски систем, нашата земја поседува потенцијал да им ја пружи на сите инвеститори поддршката која им е потребна“, нагласи Ердоган.
Тој, исто така, го повика турскиот народ да ја размени заштедата во странски валути и така да ѝ помогне на својата земја.
„Очекувам нашите граѓани да ја поддржат нашата борба со инвестиции кои ќе придонесат кон производството и вработувањето така што ќе ги разменат своите заштеди од странските валути во турската лира“, рече Ердоган.
Коментирајќи ја турската Национална вселенска програма, порача дека Турција презема огромни напори на тој план.
„Близу се деновите кога во вселената ќе се развиори знамето на нашата земја“, рече турскиот претседател.
Говорејќи за случувањата во регионот, истакна дека Нагорно Карабах повеќе не е замрзнат конфликт, туку „славна победа што уследи откако правдата го победи злото“.
На крајот Ердоган соопшти дека полицискиот час со цел спречување на ширењето на коронавирусот во Турција ќе биде во сила од 31 декември до 4 јануари.
„Мерката за полициски час континуирано ќе се применува од 21 часот во четврток на 31 декември до 5 часот наутро во понеделник на 4 јануари“, истакна Ердоган.