Zafer Fatih Beyaz
11 Ноември 2023•Ажурирај: 11 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утрово отпатува за саудискиот главен град Ријад на вонредниот Арапско-исламски самит на кој ќе се разговара за ситуацијата во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Неговиот авион полета од аеродромот „Есенбога“ во Анкара во 9:30 часот по локално време. Ердоган е придружуван од директорот за комуникации Фахретин Алтун, шефот на Националната разузнавачка служба Ибрахим Калин и главниот советник на претседателот, амбасадорот Акиф Чагатај Килич.
Кралството богато со нафта требаше да биде домаќин на два самити на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИК).
Ердоган ќе присуствува на 8-миот Вонреден исламски самит на кој ќе се разговара за нападите на Израел врз окупираните палестински територии, особено Газа, и за палестинскиот народ.
Претставниците на исламскиот свет ќе разменат идеи за конкретни чекори што треба да се преземат во врска со последните случувања.
Турскиот претседател се очекува да оствари и билатерални средби со лидерите присутни на самитот.
Со денови израелската војска се повеќе ги интензивира нападите врз болниците во Појасот Газа. Израелската авијација ги засили своите напади во непосредна близина на болницата Ал-Шифа, Индонезиската болница, болницата Ал-Авда, болницата Ал-Кудс и детската болница Ал-Рантиси.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, вклучувајќи и болници, домови и храмови, по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври.
Во израелските напади врз Појасот досега загинаа најмалку 11.078 Палестинци, од кои 4.506 деца и 3.027 жени.