Burak Dağ
01 Мај 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска упати порака по повод Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите видови на искрена работа со цел заштита на правата на нашите работници. Ќе стоиме рамо до рамо со работниците. Се надевам дека 1 Мај, кој се прославува како ден на единство и солидарност на работниците низ целиот свет, ќе доведе до фер работна среднина, а на сите граѓани им упатувам искрени честитки“, изјави Ердоган.
Ердоган изјави дека неговата владејачка Партија за правда и развој (АК Партија), од доаѓањето на власт се труди да воспостави работничка правда.
„Додека се бориме со пандемијата на Ковид-19, правиме сѐ што можеме за да бидеме сигурни дека ниту еден граѓанин не трпи штета, а особено да го заштитиме континуитетот на вработеноста. Со програмите што ги имплементираме во рамките на мрежата на социјалната безбедност, се обидуваме да ги минимизираме проблемите предизвикани од пандемијата во животите на нашите работници“, порача Ердоган.
„Како што Турција расте и напредува, ќе ги направиме сите напори секој поединечен член на нашата нација да има корист од додадената вредност што се појавува“, додаде Ердоган.
Во врска со борбата против Ковид-19, Ердоган рече: „Во борбата против вирусот, што го погоди целиот свет, дадовме големо значење на мерките и поддршката што ќе ги штити нашите вработени на секое поле.“
Во Турција се регистрирани вкупно 3.174 смртни случаи од Ковид-19, додека речиси 49.000 лица се излекувани од вирусот. Во моментот во земјата има 120.204 потврдени случаи на заразување со Ковид-19.
Ковид-19 се прошири во 200 земји и региони, откако за првпат беше забележан во кинескиот град Вухан минатата година. Во моментов САД и Европа се епицентри на заразата.
Пандемијата во светот досега зеде над 233.000 животи, бројот на дијагностицирани случаи со вирусот надмина 3 милиони, додека повеќе од еден милион заболени оздравеа, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.