Mümin Altaş
10 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, упати порака по повод 10 декември - Меѓународниот ден на човековите права, упатувајќи честитки до турските граѓани и до целото човештво по тој повод, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган потсети дека Универзалната декларација за човековите права е усвоена пред 72 години со идеалот за поправеден, послободен свет и свет повеќе ориентиран кон луѓето.
Според него, оваа декларација сѐ уште ја чува својата карактеристика како важен документ кој потсетува на одговорноста на меѓународната заедница.
Тој рече дека Турција како земја чиј систем на владеење е основан врз принципот „нека живее човекот за да живее државата“, со реформите кои се реализирални отстраниле голем број пречки кои ги ограничуваат правата и слободите на граѓаните.
Ердоган нагласи дека во споредба со периодот пред 18 години, ја унапредиле земјата уште повеќе во областа на правата и слободите преку зајакнување на демократијата, преку забрзување на функционирањето на правото и преку проширување на патот за барање право.
Турскиот претседател подвлече дека со одлучност ќе ја продолжат нивната волја за реформи во насока на барањата и очекувањата на народот, како и во рамки на новите потреби кои се појавуваат.
„Денес, најголемата закана за Универзалната декларација за човековите права се културниот расизам, ксенофобијата и исламофобијата. Во заедниците од Западот забележуваме дека заедно со пандемијата на Ковид-19 растат и пречките за искористување на неопходните права кои се гарантирани со оваа декларација, пред сѐ слободата на верување и богослужба“ рече Ердоган.
„Се соочуваме со очајна слика, се прекршуваат основните слободи на милијарди муслимани, од правото за живеење сѐ до правото за праведно судење, се понижуваат нивните свети вредности под името на слобода на изразување, и јазикот на омразата се шири на ниво на медиумски органи и на ниво на претседатели на држави“, нагласи тој.
Ердоган истакна дека овие закани Турција ги изразува на сите меѓународни платформи, и води борба за целосно спроведување на Универзалната декларација на човековите права, без разлика на раса, религија и јазик.
Според него, овогодишната тема на Меѓународниот ден за човековите права е определена како „Закрепнете подобро - застанете зад човековите права“ (Recover Better - Stand Up for Human Rights) од страна на Обединетите нации (ОН), и дека сметаат оти темата е исклучително точно определена во оваа насока.
„Во светот кој ќе се преобликува по пандемијата на Ковид-19, сите политики треба да се структурираат во оската на човековите права и да се развијат ефективни механизми кои ќе ги отстранат неправдите“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека со инспирацијата која ја зема од својата историја и цивилизациските вредности, Турција ќе продолжи да води борба за заштита на основните слободи и ќе продолжи да биде надеж за милиони лица кои сѐ уште не ги добиле своите права кои пред 72 години се гарантирани со Универзалната декларација на човековите права.
Ердоган посака деновите во иднина да носат здравје, мир, благосостојба и спокојство за целиот свет.