Seda Sevencan
15 Јули 2022•Ажурирај: 15 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије ќе го одржува жив духот што го порази обидот за пуч на 15 јули 2016 година, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по повод шестгодишнината од обидот за пуч, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе го одржуваме жив духот на 15 јули и ќе продолжиме да работиме неуморно за ТУРКИЈЕ ЗАСЕКОГАШ“, рече Реџеп Таип Ердоган во пораката за Денот на демократијата и националното единство - 15 Јули, објавена во весниците низ земјата.
„На 15 јули 2016 година, срцата што чукаат за ТУРКИЈЕ ЗАСЕКОГАШ испишаа историја со епска борба против обидот за инвазија од терористичката организација ФЕТО“, истакна Ердоган.
Тој додаде: „Ние како држава и како народ не попуштивме пред напаѓачите со славниот отпор што го покажавме, не се откажавме или колебавме и извојувавме уште една благословена победа.“
„Го поздравувам секој граѓанин на земјата кој ја заштити својата татковина, знаме и независност со најголема претпазливост и храброст таа вечер“, додаде тој.
- Поразениот обид за пуч -
Туркије денеска ќе го одбележи сеќавањето на загинатите за време на поразениот пуч на 15 јули 2016 година.
Секоја година, земјата го одбележува 15 јули како Ден на демократијата и националното единство, со настани што се одржуваат во знак на сеќавање на оние кои ги загубија животите победувајќи ги пучистите и сеќавајќи се на храброста на нацијата.
ФЕТО и нејзиниот водач кој живее во САД, Фетула Ѓулен, го организираа неуспешниот обид за пуч, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Обидот на ФЕТО да ја собори власта започна околу 22 часот по локално време на 15 јули, 2016 година и беше спречен до 8 часот утрото наредниот ден.
Застанувајќи против заканата, турскиот народ храбро му покажа на светот дека нема да толерира каков било напад да ја попречи неговата волја изразена преку неговата демократски избрана власт.