АНКАРА (АА) - Терористичката организација ФЕТО од своето основање ги користеше сите средства за да се инфилтрира во секоја пора и капилар на државата Туркије, за на крај да се обиде да изврши државен удар во ноќта на 15 јули 2016 година, кога беа дешифрирани и откриени сите нејзини противправни и предавнички активности водени под плаштот на таканаречениот „џемат“, пишува Агенција Анадолија (АА).
Пред точно шест години, терористите на ФЕТО зедоа оружје во предавничкиот обид да ја соборат легитимно избраната власт на Туркије.
Победата на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) со освоени 49 отсто од гласовите на општите избори на 1 ноември 2015 година, предизвика голема паника во редовите на ФЕТО.
Знаејќи дека Владата, која повторно дојде на власт, со одлуките на Врховниот воен совет (YAS) ќе ги отпушти инфилтрираните припадници на ФЕТО од војската, терористичката организација беше потресена од тогашната одлука на Главното јавно обвинителство во Измир за наредба за притвор на таквите војници, вклучително и генерали.
По бројните заговори, како што е случајот со масовното прислушување на највисоките функционери, повикувањето на распит на шефот на Националната разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан, запирањето на камионот на МИТ на југот на Туркије, ФЕТО сфати дека повеќе не може да ја натера Владата на Туркије да направи чекор назад, па реши да изврши државен удар како последно средство.
- Наредбата за предавство дојде од водачот на ФЕТО -
Водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, застана пред камерите на 19 март 2016 година и испрати пораки за кои подоцна ќе се утврди дека биле упатени до оние кои го организирале обидот за воен удар.
Имено, тој рече дека зборува „во име на жителите на Кападокија“, а со истрагата е утврдено дека оваа шифра се однесувала на војниците кои го извршија обидот за воен удар на 15 јули.
Според оваа инструкција на терористичкиот водач, припадниците на цивилните и воените ограноци на ФЕТО ги завршиле подготовките за пуч низ Туркије и почнале да го чекаат часот за извршување, кој требало да биде во 3:00 часот на 16 јули таа 2016 година.
Меѓутоа, неколку часа пред обидот за предавство, мајор-пилот на хеликоптер отишол во Дирекцијата на Националната разузнавачка организација (МИТ) и соопштил дека ФЕТО-истите планираат да го притворат шефот на МИТ, Хакан Фидан.
Фидан оваа информација му ја пренел на тогашниот втор началник на Генералштабот, генералот Јашар Ѓулер, а потоа го испратил својот помошник во Генералштабот за да ги пренесе деталите.
По разговорот со претставникот на МИТ, генералот Ѓулер содржината од состанокот му ја пренел на тогашниот началник на Генералштабот, генералот Хулуси Акар.
Потоа, генералот Акар му наредил на Оперативниот центар на Вооружените сили на Туркије да ги врати леталата во своите бази и да го затвори воздушниот простор за летови.
Освен тоа, Акар му наредил на командантот на 4. Корпус, генерал-полковник Метин Гурак, да спречи напуштање на оклопните возила од Командата и Дивизијата за обука на оклопни единици „Етимесгут“, а тогашниот командант на копнената војска, Салих Зеки Чолак, го испратил во авијацијата за да ги спречи летовите на хеликоптерите.
- Пучистите го заробуваат Акар -
Истовремено, поранешниот шеф на Кабинетот на генералот Ѓулер, потполковник Бунјамин Тунер, му пренел на поранешниот началник на Одделот за планирање и управување со персоналот на Генералштабот, бригадниот генерал Мехмет Партигоч, дека шефот на МИТ, Фидан, разговарал со Акар.
Меѓу пучистите почнала да кружи информацијата дека Чолак отишол во Командата за авијација по состанокот меѓу Акар и Фидан.
Потоа обидот за пуч, кој бил планиран да започне во 3:00 часот на 16 јули, е преместен за 20:30 часот на 15 јули, и тоа со одобрение на Адил Оксуз и другите цивилни челници на ФЕТО кои ќе го предводат пучот во воздухопловната база „Акинџи“.
Веднаш по издавањето наредба за обид за пуч, 33 борди беретки со одбрана опрема од Командата на специјалните сили (ОКК) се собрале во воздухопловната база „Акинџи“ и преминале во Генералштабот.
Поранешниот началник на Одделот за стратегија на Генералштабот, генерал-мајор Мехмет Дишли, главниот советник на началникот на Генералштабот, полковник Орхан Јикилкан, бригадниот генерал Мехмет Партигоч и началникот на Генералштабот, полковник Рамазан Гозел, се собрале да го организираат обидот за пуч во Генералштабот.
„Команданте, операцијата почнува, ќе ги поведеме сите, баталјоните и бригадите се на пат, ќе видите наскоро“, ова се зборовите што на Акар му ги кажал Дишли и така му го најавил државниот удар.
„За што зборуваш? За каква операција? Дали си ти манијак? Да не си се осмелил!“, одговорил Акар на зборовите на Дишли.
Сфаќајќи дека не може да го убеди Акар, Дишли му наредил на тимот кој чекал пред канцеларијата да интервенира.
Гозел, Јикилкан, поранешниот потполковник Левент Туркан, поранешниот капетан Сердар Текин и поранешниот водник-мајор Абдула Ердоган го заробиле генералот Акар.
- Известувањето за предавството испратено во штабот -
По упатство на пучистите во штабот, командантот на 58. Артилериска бригада, поранешниот бригаден генерал Мурат Ајгун, стациониран во Полатли, наредил возилата, вклучително и системите за лансирање ракети, да бидат ангажирани од касарната за да ја преземат контролата врз клучните точки во Анкара.
Првото известување за обидот за предавство, насловено како „Подготвително предупредување и распоредување на единици“, е испратено преку системот за дистрибуција на пораки и документи на Генералштабот (MEDAS).
Пучистите преку МЕДАС на војниците им ја доставиле таканаречената Листа на воени задачи и именувања.
По оваа порака, пучистите преку истиот систем издале втора наредба за „Воведување борбени оклопни возила“ за заземање на клучните патишта и раскрсници во градовите и јавните установи.
Пучистите, кои испраќале пораки една по друга преку МЕДАС, им наредиле на војниците надвор од касарните да им се придружат на своите трупи во 21:53 часот.
Постапувајќи по ова, пучистите го зазедоа Центарот за координација во случај на катастрофи (АКОМ) во Кагитане, познат како „Окото на Истанбул“.
Булент Ајдин, телохранителот на командантот на копнената војска, Чолак, е убиен од страна на пучистите во Генералштабот и важи за прв загинат (шехид) на 15 јули.
- Блокада на мостовите -
Од воздухопловната база „Акинџи“ полетуваат борбените авиони Ф-16 и почнуваат да летаат исклучително ниско над Анкара.
Информативните канали за воените активности известија во 22:28 часот.
Телевизиите објавија „Најнова вест“ дека војниците ги блокирале истанбулските мостови преку Босфорот, поточно Мостот „Богазичи“ и Мостот „Фатих Султан Мехмет“.
Тогашниот премиер на Туркије, Бинали Јилдирим, телефонски се јави во програмата на НТВ на 23:02 часот.
„Владата што ја претставува нацијата е на својата должност. Оние кои го направија овој обид, оние кои го направија ова лудило, оние кои беа вклучени во овој незаконски чин, ќе платат највисока цена“, рече Јилдирим.
Главното јавно обвинителство во Анкара започна истрага за обидот за државен удар во 23:05.
- Пилоти пучисти бомбардираа градови -
Пилотите пучисти Мехмет Четин Каплан и Ертан Корал го бомбардираа Одделот за авијација на Генералната дирекција за безбедност во Голбаши. Во нападот загинаа 7 полицајци, а петмина беа ранети.
Во 00:01 часот, поранешните пилоти капетани Угур Узуноглу и Хусеин Турк го нападнаа Одделот за специјални акции при Генералната дирекција за безбедност во Голбаши. Загинаа еден цивил и 43 полицајци, додека 36 полицајци беа ранети.
Хеликоптери под контролира на пучистите го скенираа комплексот на МИТ во Јенимахале.
Поранешниот потполковник Умит Генчер ја зазеде ТРТ и го прочита прогласот за пучот.
- Изјавата која го промени текот на ноќта -
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се јави во програмата на „Си-ен-ен Турк“ во 00:24 часот и одржа историски говор кој го смени текот на обидот за пуч.
„Ја повикувам нашата нација на плоштадите“, порача Ердоган.
Во пукањето врз граѓаните кои демонстрираа против пучистите пред штабот на Генералната команда на Жандармеријата, загинаа 9 лица, а десетици беа ранети.
Пилотите пучисти Мехмет Јурдакул и Илхами Ајѓул ја бомбардираа Дирекцијата за безбедност во Анкара во 00:56 часот.
Десет минути подоцна, поранешниот пилот Мустафа Озкан по вторпат го бомбардира тоа место. Во нападот загинаа 2 лица, додека 39 беа повредени.
- Халисдемир го застрела пучистичкиот генерал -
Авионот на пучистичкиот бригаден генерал Семих Терзи, кој полета со специјалци од Дијарбакир, слета на Аеродромот „Етимесгут“ во 1:13 часот.
Тогашниот командант на специјалните сили, генерал-полковник Зекаи Аксакали, успеал телефонски да го добие командниот подофицир Омер Халисдемир и од него побарал да го неутрализира пучистичкиот генерал Терзи.
Терзи, кој со војници под негова команда дошол во Командата на специјалниот воздухопловен полк „Етимесгут“, со хеликоптер отишол во штабот во Голбаши за да ја преземе командата над специјалниот одред на ОКК во 2:14 часот.
Него, на влезот во штабот го чекал и пукал во него Халисдемир, кој го доби епитетот херој на турската нација.
Халисдемир беше убиен во огнот што го отвори Терзи и некои од војниците кои дојдоа со него од Дијарбакир.
- Бомбардирање на Парламентот -
Убиени се 36 граѓани кои протестираа против обидот за пуч пред Генералштабот. Пучистите ги влечеа телата на некои од загинатите по земја и ги оставија пред штабот.
Пучистите, кои со сите средства се обидоа да го скршат отпорот на граѓаните, ја бомбардираа и зградата на Големото народно собрание на Република Туркије. Нападот со авионот Ф-16 го извршија поранешните пилоти Хасан Хусну Баликчи и Угур Узунаоглу, а во нападот беа ранети 32 лица.
Граѓаните го ослободија седиштето на ТРТ во 3:00 часот. Медиумската куќа го врати нормалното емитување, а пучистите беа предадени на полицијата.
Пилотот пучист Хусеин Турк фрли четири бомби врз објектите на ТУРКСАТ во периодот 3:14 - 3:19 часот, со цел да го прекине телевизискиот пренос.
Како што одминуваа часовите, луѓето кои ги полнеа плоштадите и улиците на повик на претседателот Ердоган предизвикуваа сѐ поголема паника кај пучистите.
Веднаш откако полициските тимови за специјални операции ја ослободија контролната кула од пучистите, авионот на АТА со турскиот претседател Ердоган слета на Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, каде што беше пречекан од илјадници граѓани.
По развојот на настаните во Истанбул пучистите повторно ја бомбардираа зградата на турскиот Парламент.
Поранешниот пилот капетан Хусеин Турк го гаѓаше Парламентот со својот авион Ф-16 во 3:24 и 3:25 часот.
Во екот на борбата што против пучистите ја водеа граѓаните на улица и патриотските војници во касарните, во 4:00 часот Главното јавно обвинителство во Анкара донесе одлука за притвор на членовите на правосудството поврзани со ФЕТО, членови на таканаречениот Совет за мир во татковината и учесници во обидот за пуч.
- На хоризонтот се гледаше крајот на патот за пучистите -
Во 6:19 часот, поранешниот пилот потпоручник Муслим Маџит фрли две бомби на раскрсницата пред претседателскиот комплекс во Анкара. Во нападот загинаа 15 граѓани, а седуммина беа ранети.
Началникот на Одделот на ТЕМ, Тургут Аслан и неговиот телохранител Хасан Ѓулхан, кои беа приведени во Главната команда на жандармеријата, беа изнесени од зградата со врзани раце и врзани очи, а пучистот поранешен полковник Еркан Окрем им пукал во главата. Аслан беше тешко ранет, а Ѓулхан е убиен.
Премиерот Јилдирим го овласти генерал-полковникот Зија Кемал Кадиоглу да соборува авиони кои летаат под контрола на пучистите.
Сфаќајќи дека обидот за соборување на легитимната Влада во Туркије не успеал, пучистите на Мостот „Богазичи“ во Истанбул им се предадоа на турските сили.
Во 8:26 часот началникот на Генералштабот, Акар, кој беше заробен од пучистите, со хеликоптер од воздухопловната база „Акинџи“ беше префрлен во палатата Чанкаја.
По наредба на турскиот претседател Ердоган и тогашниот министер за национална одбрана, Фикри Ишик, на нишан беше главната писта на воздухопловната база „Акинџи“, со цел да се спречи понатамошното дејствување на авионот во рацете на пучистите.
Во 12:57 часот премиерот Јилдирим се обрати до јавноста и рече дека обидот за пуч е сузбиен. На прес-конференцијата присуствуваа и министерот Ишик и генералот Акар.
На тој начин, предавничкиот обид за државен удар во Туркије беше спречен под водство на претседателот Ердоган, благодарение на напорите на нацијата и патриотските безбедносни сили на земјата.
Турскиот народ, кој покажа пример кој ретко се гледа во историјата на отпорот кон пучистите, во таа мрачна ноќ се грижеше за независноста и иднината на својата земја.
Со истрагата е утврдено дека во обидот за пуч се користени околу 9.000 воени лица, 35 авиони, 37 хеликоптери, 246 оклопни возила, вклучувајќи 74 тенка и речиси 4.000 парчиња лесно оружје.
Од цивилите, полицајците и војниците кои се бореа во таа мрачна ноќ Туркије да излезе на светлото на денот, 251 лице загинаа, од кои 150 во Анкара, 99 во Истанбул и двајца во Мугла.
- ФЕТО како опасност за сите земји во кои дејствува -
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чие испорачување Туркије официјално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството во Туркије се обидоа преку монтиран процес за наводна корупција да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч изведен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува закана само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските власти. За време на обидот за пуч во Туркије животот го загубија 251 лице, а 2.734 беа повредени.
news_share_descriptionsubscription_contact
