Dilara Hamit
02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
ИЗМИР (АА) - Турската крајбрежна стража во изминатите пет години задржа 238.158 нерегуларни мигранти во обид да преминат во Европа преку Егејското, Средоземното и Црното Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овие мигранти тргнаа на опасно патешествие преку море и копно за да избегаат од политичките и економските превирања во нивните матични земји.
Според податоците собрани од АА, бројот на нерегуларни мигранти кои сакаа да преминат во Европа достигна рекордни 91.611 во 2015 година.
Тимовите на Крајбрежната стража фатија 37.130 мигранти во 2016 година, 21.937 во 2017 година и 26.678 мигранти во 2018 година.
По договоорт за реадмисија потпишан меѓу Турција и ЕУ во март 2016 година, бројот на задржани мигранти се намали. Тој број повторно се зголеми во 2019 година достигнувајќи 60.802 мигранти.
Бројот на фатени нерегуларни мигранти двојно се зголеми во однос на претходната година.
Повеќето обиди за илегална миграција се случија во август, кога тимовите на Крајбрежната стража фатија 8.245 нерегуларни мигранти.
Во септември тој број изнесуваше 12.068, додека во октомври 11.908.
Околу 47.179 нерегуларни мигранти беа приведени од Крајбрежната стража и жандармеријата на границите.
- 654 нерегуларни мигранти ги загубија своите животи -
Најмалку 654 мигранти во изминатите пет години ги загубија животите на море.
Меѓу жртвите има и жени и деца кои починале од давење или од хипотермија.
Во 2015 година, 279 нерегуларни мигранти го загубија животот на море, 192 во 2016-та, 56 во 2017 година, 93 во 2018-та и 34 во 2019 година.
Во последните пет години, за криумчарење на луѓе приведени се 646 лица.