Fahrettin Gök
09 Септември 2016•Ажурирај: 10 Септември 2016
ЕРЗУРУМ (АА) - Во турскиот град Ерзурум, во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО, полицијата откри засолниште на врвот од зградата на приватниот колеџ „Азизије“, направено со спојување на два ката во зградата, јавува Anadolu Agency (AA).
По 15 јули и обидот за државен удар во Турција, Обвинителството во Ерзурум започна сеопфатна истрага против припадниците на терористичката организација ФЕТО, но и против оние што ѝ даваат поддршка на оваа организација.
Полициските екипи за борба против криумчарење и организиран криминал, во местото Паландокен, недалеку од Ерзурум, извршија претрес во приватниот колеџ „Азизије“, кој се доведува во врска со терористичката организација ФЕТО.
При претресот е пронајдено засолниште во зградата, кое е формирано со спојување на петтиот и шестиот кат на оваа зграда. Во засолништето е пронајден овален салон, со посебни ложи и простор за чекање.
Полицијата откри дека засолништето има и специјални брави. Утврдено е дека во овој салон се организирани состаноци на припадниците на терористичката организација ФЕТО, а на горниот кат од засолништето се пронајдени и соби за спиење, кујна, помали простории за состаноци и ресторан.
Исто така, утврдено е дека двата ката однатре се меѓусебно поврзани. Полицијата по претресот и собирањето на доказниот материјал, го затворила засолништето.