Burcu Arik
09 Септември 2016•Ажурирај: 10 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу ја повика денес Европската комисија да дејствува побрзо во остварувањето на своето ветување за префрлање на финасиски средства за сириските бегалци во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу даде изјава за време на заедничка прес-конференција во Анкара, заедно со турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини и Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.
„Процесот на префрлање на ветените 6 милијарди евра мора да се забрза и да не се заглави во бирократијата“, изјави Чавушоглу.
Тој рече дека секој би требало да види јасно за што се трошат парите.
„Мислам дека ние (Турција и ЕУ) заедно се согласуваме во врска со ова прашање. Треба да им помогнеме на оние луѓе што се наоѓаат во многу потешки услови“, изјави тој.
Турција и ЕУ на 18 март потпишаа договор за да ja спречат нелегалната миграција преку Егејското Море со тоа што презедоа ригорозни мерки против криумчарите и ги подобрија условите за речиси три милиони сириски бегалци во Турција.
Во договорот е вклучен пакет со помош од 6 милијарди евра (6,8 милијарди долари) за милиони бегалци кои се згрижени во Турција.
Договорот, исто така, овозможува забрзување на кандидатурата за членство и на безвизниот режим за Турција во ЕУ, за турските државјани во Шенген зоната, под услов Анкара да се соочи со 72 барања поставени од страна на ЕУ.
Додека Турција го исполни поголемиот дел од критериумите, разликите меѓу Брисел и Анкара во законодавството за антитероризам го попречија договорот за визна либерализација. Според ЕУ, Турција мора да го измени своето „законодавство и практиките врз тероризмот во согласност со Европските стандарди“ со цел договорот за визна либерализација за турските државјани да стапи на сила. Чавушоглу исто така вели дека Турција очекува поддршка од страна на ЕУ во борбата против терористичките организации вклучувајќи ги ПКК, ПЈД, ДАЕШ и ФЕТО.
„Земјите на ЕУ особено не треба да ги толерираат поддржувачите на ПКК да вршат терористичка пропаганда во европските институции или градови“, вели тој.
Сепратистичката организација ПКК се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и во ЕУ, а станува збор за група што веќе подолго од три децении води оружена кампања против Турција. Досега, во тие операции животот го загубија над 600 припадници на турските безбедносни сили, а елиминирани се повеќе од 7.000 терористи.