İlkay Guder
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Ибрахим Калин, портпаролот на претседателот на Турција, порача дека нападите на Турција и на нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган, од страна на Германија и Европа, каде што се занемарени темелните и итни проблеми, се показател за стеснувањето на видикот на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Свртувањето кон популизам во германската политика, со попуштање во јакнењето на непријателството, отуѓувањето и раздвојувањето, само поттикнува дискриминација и расизам. Зарем Германија, која ги отвори вратите за ПКК и за ФЕТО, не е свесна дека не ја брани демократијата, туку ги штити терористичките организации и пучистите?“, истакна Калин во порака на социјалната мрежа „Twiter“.
Калин се осврна и на синоќешниот телевизиски дуел на противкандидатите Ангела Меркел и Мартин Шулц, во пресрет септемвриските парламентарни избори во Германија, и изјави дека за Турција нема некое големо значење која политичка опција ќе биде победник на тие избори.
„Не е толку важно која партија ќе победи на изборите во Германија бидејќи веќе е јасно кој политички менталитет е победник. Фактот што за време на дискусијата на Меркел и Шулц воопшто не беа споменати проблемите со дискриминацијата и растечкиот расизам, е показател за стадиумот во којшто се наоѓа германската политика“, изјави Калин.
Калин исто така истакна оти се надева дека во Германија ќе се промени политичката атмосфера на ограниченост и кратковидост, којашто ги загрозува односите меѓу Анкара и Берлин.
Три недели пред парламентарните избори, лидерите на германската десница и левица, Меркел и Шулц, синоќа во телевизискиот дуел посветија многу време за идните односи на таа земја со Турција. Меркел се залага да се продолжи дијалогот и да се надминат несогласувањата со Анкара, а Шулц се залага за прекин на дипломатските односи и блокада на турското интегрирање кон членството во Европската Унија.
Односите меѓу Германија и Турција беа нарушени во изминатите недели, откако во Турција беа уапсени двајца германски државјани во рамките на истрагата за терористичките организации. Турција ѝ замерува на Германија поради неиспорачувањето на пребеганите припадници на терористичките организации ФЕТО и ПКК, а пак Германија изразува загриженост поради начинот на којшто Турција го изразува и го процесуира обидот за воен удар што минатата година во Турција го изврши ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, во Германија има широка мрежа од училишта и други установи, а по обидот за пуч, од Турција во Германија побегнаа повеќе од 4.000 припадници на таа организација.