Eda Özdener,Yeşim Sert Karaaslan
14 Мај 2023•Ажурирај: 15 Мај 2023
АНКАРА (АА) - Кемал Киличдароглу, кандидат на опозициската Национална алијанса предводена од Републиканската народна партија (ЏХП) на претседателските избори во Туркије, ја изврши својата граѓанска должност во Анкара, јавува Анадолу.
Во придружба на сопругата Селви, тој гласаше во едно училиште во турската престолнина.
Киличдароглу во обраќањето пред новинарите им се заблагодари на сите граѓани што излегоа на гласање и гласаа.
„Ни недостасуваше демократијата, го направивме она што беше потребно. На сите ни недостасуваше да бидеме заедно. Многу ни недостасуваше да се гушнеме. Ќе видите, се надевам дека пролетта ќе дојде во оваа земја и пролетта секогаш ќе трае“, рече Киличдароглу.
Граѓаните на Туркије денес гласаат на претседателските и парламентарните избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за новото свикување на Големото национално собрание на Република Туркије, кое има 600 пратенички места.
Право на глас на изборите имаат 64,1 милиони луѓе, а првпат ќе може да гласаат повеќе од 4,9 милиони турски граѓани.
Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган се кандидати за претседател на Туркије. Четвртиот кандидат Мухарем Инџе претходно ја повлече својата кандидатура.
Актуелниот претседател Ердоган е кандидат на Народната алијанса предводена од Партијата на правда и развој (АК Партија), на чие чело е тој. Кемал Киличдароглу е кандидат на опозициската Национална алијанса, предводена од Републиканската народна партија (ЏХП).
Синан Оган е кандидат на Татковинска алијанса, додека Мухарем Инџе беше кандидат на неговата Партија Родина, пред да ја повлече својата кандидатура во четвртокот.