АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер и портпарол на владата, Нуман Куртулмуш, денес даде изјава за медиумите додека во премиерската палата во Чанкаја траеше состанокот на Советот на министри под раководство на премиерот Јилдирим, јавува Anadolu Agency (AA).
Куртулмуш на почетокот од прес-конференцијата, се осврна на загинувањето на управителот на околијата Дерик, Фатик Сафитурк, додавајќи дека станува збор за предавнички напад.
Во врска со тоа изјави: „Досега се притворени 62 лица. Од нив, десетмина се пуштени на слобода, за останатите продолжува истрагата. Фатени се главните извршители во настанот. Фатени се речиси сите оние што учествувале во испраќањето на бомбата по карго од Истанбул, па сѐ до нејзината експлозија. Ќе бидат фатени и сите оние што стојат зад овој настан и на виделина ќе бидат извадени сите детали од овој настан. Ќе одговараат сите што учествувале во него“.
„Овој напад во никој случај нема да го заборавиме, ниту ќе дозволиме да се заборави. Се надевам дека ќе бидат фатени сите оние што учестуваа во овој напад, од неговото организирање, па сѐ до неговото извршување, и за нив ќе побараме најтешки казни. Тоа е дел од нашата одговорност кон нашиот брат Мухамет Фатик, кон неговото семејство и кон нашиот народ“, соопшти Кутрулмуш.
„Би сакал да кажам дека не ја прифаќаме содржината на извештајот“
Во врска со извештајот на ЕУ за напредокот на Турција, Куртулмуш потсети дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и премиерот Јилдирим веќе дадоа изјава во врска со извештајот. Тој истакна дека извештајот е пристрасен и дека е полн со невистини за Турција коишто никогаш нема да бидат прифатени. Понатаму во своето обраќање вели: „Овој извештај за напредок, според својата природа наликува на еден вид закана. Тој не е поврзан само со Турција, но генерално, намената на извештајот е тоа. Напишан е во стилот: ‘Ова ви недостасува, ова поправете го’. Извештајот за напредокот на Турција е всушност еден вид ставање на Турција во ќоше. Тоа може да се забележи во политичкиот дел, особено во делот за борбата против тероризмот што Турција ја води, наведувајќи работи кои би можеле да делуваат негативно врз борбата што Турција ја води против терористичките елементи. Би сакал да кажам дека неприфаќањето на содржината на овој извештај се темели и на фактот што овој извештај е напишан на многу непријателски начин. Излегува дека не е возможно да им се даде значење на зборовите на отворена закана од страна на почитуваниот Шулц. Дали Турција, која досега се справи со голем број опасности во борбата против тероризмот, барем еднаш беше поддржана од страна на високите претставници на ЕУ, дали кажаа некој збор со осуда на тероризмот? Дали видовте по бомпашките напади, на еден отворен начин за нас да речат: ‘Одете против терористичките организации, ние ја поддржуваме Турција во борбата против тероризмот’?“
„Правен процес за одземање на државјанството на членовите на ФЕТО“
На прашањето во врска со правниот процес за одземање на државјанството на членовите на ФЕТО што ја напуштиле Турција, Куртулмуш одговори:
„Борбата на Турција против ФЕТО не е привремена. Тоа не е борба што ќе трае еден месец, два месеци, три месеци и потоа оваа работа ќе заврши... Зборуваме за банда која 40 години се инфилтрирала во државните институции. Зборуваме за една терористичка организација и за жал, знаеме дека дел од нив избегаа во странство. Нашата држава ќе ги вложи сите напори за да ги отстрани овие елементи од Република Турција, бидете сигурни во тоа. По завршувањето на правниот процес, на сите оние што избегале во странство ќе бидат преземени мерки за одземење на државјанството, Ќе го направиме сето она што е потребно, но би сакал да истакнам дека во врска со ова, сѐ уште немаме конкретен распоред“.
На прашањата во врска со новите уставни измени, Куртулмуш истакна дека продолжуваат разговорите со претставниците на партијата МХП. Тој рече: „Посакуваме и партијата ЏХП да биде дел од оваа дискусија. Сакаме да истакнеме дека нашите врати се секогаш отворени и доколку сакаат да учествуваат во дискусиите за уставните измени, можат да дојдат со сите свои предлози и да зборуваме за нив. Турција е во период во кој сака со широк консензус да воведе уставни измени во кои ќе учествува голем дел од општеството“.
news_share_descriptionsubscription_contact
