Ahmet Sertan Usul,Aytuğ Can Sencar
07 Февруари 2023•Ажурирај: 09 Февруари 2023
ХАТАЈ (АА) - Триесетгодишната Хулја Јилмаз и нејзиното шестмесечно бебе Ајше живи се извлечени од урнатините на зграда во Хатај дури 29 часа по земјотресите што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије, известува Анадолу.
Бројни спасувачки тимови продолжуваат со акциите за претрага и спасување, обидувајќи се да ги спасат луѓето кои останале заглавени под урнатините по земјотресите што вчера ги разорија јужните делови на Туркије.

Припадниците на спасувачките екипи кои ги отстрануваат урнатините од зградите во округот Антакја, во еден момент чуле гласови под урнатините.
Спасувачите спровеле операција во која успеале да дојдат до 30-годишната мајка и нејзиното шестмесечно бебе, дури 29 часа по земјотресот.
Мајката и бебето се префрлени во болница за да им биде укажана помош.
- Два разорни земјотреси вчера ја потресоа Туркије
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер вчера наутро во 4:17 часот со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш. И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.
Земјотресите се почуствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и други региони.
Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека во земјотресите што ги потресоа јужните делови на Туркије, до денес до 12:10 часот по локално време загинале 3.432 лица, а повредени се 20.426 лица. АФАД информираше дека од разорниот земјотрес се урнати 5.775 згради.
Во акцијата за спасување досега се згрижени 338.000 лица во студентските центри и други објекти, а од урнатините живи се извлечени повеќе од 8.000 лица.
Во подрачјето што го зафати разорниот земјотрес во моментов се ангажирани 24.443 спасувачи, медицински и друг персонал.
Туркије прогласи седумдневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.