Mümin Altaş
16 Мај 2022•Ажурирај: 17 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Во шест градови низ Турција, првенствено во главниот град Анкара, издадени се налози за приведување на 11 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Припадниците на ФЕТО се откриени во станови кои се користат за подготовка на членовите на оваа терористичка организација за испити за државна служба.
Со истрагата е утврдено дека бараните терористи на ФЕТО извршуваат должности на таканаречени „имами“ во структурата на терористичката организација.
Осомничените ја користеле и апликацијата БајЛок, која терористичката организација ја користи за шифрирана комуникација. Некои од осомничените се активни државни службеници во Република Турција.
Терористичката организација ФЕТО одговорна е за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во државната служба, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, изведен од страна офицери кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.