Ahmet Sertan Usul
24 Август 2022•Ажурирај: 25 Август 2022
АНКАРА (АА) - Три специјални возови со хуманитарна помош денеска заминаа од Анкара за Авганистан со речиси 1.500 тони помош, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Возовите со хуманитарна помош се на пат кон Авганистан како дел од шестата иницијатива“, објави турската Управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) на Твитер.
Десет хуманитарни групи од Туркије се собраа за да го организираат овој потфат, на кој претходеа пет слични иницијативи за помош на луѓето на кои им е потребна итна помош во земјата која е загрозена од недостиг на храна.
„Како дел од оваа шеста иницијатива возовите ќе пристигнат во Авганистан, а вкупно 1,25 милиони Авганистанци ќе добијат помош“, додаде АФАД.
На 27 јануари два воза со 47 вагони тргнаа од Анкара со 750 тони помош и стигнаа до Авганистан на 7 февруари.
Како дел од втората иницијатива за хуманитарна помош, воз со 45 вагони по 12-дневно патување на 23 февруари во Авганистан достави 921 тон помош.
Со уште 900 тони помош, на 14 март пристигна третиот воз во авганистанскиот град Херат, откако тргна од Анкара на 25 февруари.
Четвртиот воз од Анкара пристигна во Авганистан на 18 април и достави помош од 1.478 тони.
Петтиот воз тргна кон Авганистан на 4 јули, а пристигна на 16 јули.
Според Канцеларијата за хуманитарна координација на ОН (OCHA), половина од населението во Авганистан сега се соочува со акутен глад, децата се без образование, а над 9 милиони луѓе се раселени.