Uğur Aslanhan
30 Јуни 2018•Ажурирај: 01 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Денеска во Истанбул е погребан Шарик Тара (88), основач и почесен претседател на Холдинг компанијата за градежништво и индустрија ЕНКА, јавува Anadolu Agency (AA).
Посмртните останки на Шарик Тара, прекриени со турско знаме и цвеќиња, до просторот за мусала во дворот на џамијата „Хумајун Абад“ во истанбулскиот кварт Бебек, беа носени од неговите најблиски и оние кои го сакаа и почитуваа.
Во дворот на џамијата, сочувство по повод смртта на Тара примаа неговата сопруга Лале Тара, синот Синан Тара, неговите внуци и членови од семејството Ѓултекин.
Голем број пријатели на Тара, бизнисмени, луѓе од спортскиот и уметничкиот живот, уште од раните утрински часови направија долга колона, со цел да го изразат своето сочувство по повод неговата смрт.
- Кој е Шарик Тара
Шарик Тара е роден на 22 април 1930 година во Скопје. Со семејството се отселува во Турција во 1944 година. Во 1954 година дипломира на Факултетот за градежништво при Истанбулскиот технички универзитет (ИТУ). Во 1957 година, заедно со сопругот на својата сестра Вилдан, Сади Ѓултекин, ја формира фирмата ЕНКА, која е кратенка од два турски збора „enişte“ и „kayınbirader“, кои во превод значат „шура“ и „зет“.
Основачот и почесниот претседател на ЕНКА, Шарик Тара, според последната листа на Форбс на „Најбогати 100 Турци“, со богатство од 2,5 милијарди долари се наоѓа меѓу оние од 5. до 7. место.
- „Го прочу турското градежништво во светот“
Министерот за млади и спорт на Турција, Осман Ашкин Бак, истакнувајќи ја загубата со смртта на Шарик Тара, му се заблагодари на Тара за сиот придонес во спортот.
Министерот Ашкин Бак го пренесе сочувството што претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и досегашниот премиер Бинали Јилдирим, му го изразуваат на семејството на починатиот Тара.
„Во времето кога студирав на ИТУ, Тара беше човекот кој со успехот во секторот на градежништвото го прочу името на Турција во светот. Сите ние го имавме за пример. Во име на заедницата на бизнисмени, како и од спортската заедница, би сакал да кажам дека загубивме многу големо име“, рече министерот Бак.
Зборувајќи за успехот на Шарик Тара, министерот Бак нагласи: „Тара беше доајен и визионер во градежниот сектор на Турција. Незаборавен е меѓународниот успех што тој го постигна во секторот на градежништвото. Со неговата спортска ориентација, беше пример за нашите млади гнерации, беше човек кој даде придонес младите да се запознаат со спортот.“