Murat Paksoy,Ali Cevahir Aktürk,Mehmet Ali Derdiyok
24 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
ИСТАНБУЛ
Од раните утрински часови почнаа да пристигнуваат верниците кои сакаат да клањаат намаз во Големата џамија „Аја Софија“ во Истанбул, која по 86 години ќе биде отворена за верски обреди, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Аја Софија“ за намаз ќе биде отворена со петочната молитва (џума намаз), а веќе по утринската молитва (сабах намаз) почнаа да пристигнуваат оние кои сакаат да го клањаат првиот намаз по 86 години.
Многу граѓани чекаат на 11 контролни пунктови за да им биде дозволено да влезат во просторот предвиден за молитва.
Надлежните служби по дезинфекцијата, на пристигнатите им делат маски и еднократно сеџаде (простирка за намаз). Воедно, на граѓаните им делат симит и чај за освежување.
Се очекува на церемонијата на отворањето да присуствува и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган и други функционери. Исто така, по повод церемонијата пристигнаа многу домашни и странски туристи.
Преземени се високи безбедносни мерки, а направени се и завршните подготовки.
Во рамките на мерките предвидени за спречување на ширење на коронавирусот, предвидено е намазот да се клања во пет зони на отворено, три за мажи и две за жени.
Воедно на контролните точки надлежните служби ја контролираат температурата на телата на посетителите и носењето маски. На терен се и 736 здравствени работници распоредени на 17 локации и неколку десетици амбулантни возила, како и амбулантен хеликоптер.
Турскиот суд на 10 јули ја поништи одлуката на некогашната Влада во земјата со која на 24 ноември 1934 година на „Аја Софија“ ѝ е доделен статус на музеј. Со чинот на поништување на спомнатата одлука, на „Аја Софија“ ѝ е вратен статусот на џамија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по враќањето на статусот на џамија на „Аја Софија“, најави дека првиот заеднички намаз во оваа џамија ќе биде клањан на 24 јули.
Како една од најпосетените туристички дестинации во градот на Босфорот, „Аја Софија“ од 1985 година се наоѓа на Листата за светско културно наследство на УНЕСКО.
Надлежните служби во изминатите денови го уредија просторот внатре, но и надвор околу „Аја Софија“.
Турските власти најавија дека и понатаму ќе ги чуваат културно-историските вредности на „Аја Софија“ - за верските обреди во неа ќе биде надлежна Управата за верски работи на Турција, а за реставрација, конзервација и заштита ќе се грижи Министерството за култура и туризам на Турција.
Туристите и понатаму ќе можат да ја посетуваат „Аја Софија“, и тоа бесплатно, а фреските на ѕидовите со завеси ќе бидат покривани само за време на молитвата во џамијата.