Durmuş Genç
18 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
МУГЛА (АА) - ДУРМУШ ГЕНЧ -
Турската западна област Мугла, која се простира на над 1.800 километри од морскиот брег, забележа зголемување на бројот на туристи во првата половина од оваа година за 38 отсто, во споредба со истиот период минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Различните туристички понуди, богатото културно наследство и природните убавини ја вброија Мугла во најатрактивните дестинации за одмор. Трагите на различните цивилизации во близина на сончевите песочни плажи придонесуваат за развојот на културниот туризам.

Мугла, област со најдолг брег во Турција, годишно ја посетуваат во просек 3,5 милиони туристи од целиот свет, а хотелските капацитети, имаат нешто повеќе од 340.000 кревети.
Шефицата на Канцеларијата за култура и туризам во Мугла, Филиз Караџаагач, за АА рече дека конгломератот на културно-историското наследство, природната убавина, модерниот комплекс и фантастичните услуги ја направија Мугла препознатлива туристичка дестинација на глобално ниво.
„Во текот на првите шест месеци од годината, речиси еден милион странски туристи дојдоа во Мугла, што во однос на минатата година претставува пораст од 38 отсто“, рече Карачагац.

Главните туристички центри во областа Мугла се Бодрум, Фетије, Датча, Далјан, Акјака и Ѓокова, во кои хотелските капацитети се пополнети преку 95 посто и за наредните три месеци.
„Во Мугла најчесто доаѓаат туристи од Велика Британија, Русија, Украина, Германија и Полска. Должината на крајбрежјето, чистите плажи и одморалиштата, добрата патна комуникација се само некои од работите што ги издвојуваат како причина зошто за летување ја избираат токму Мугла“, рече Караџаагач.
Околу 30 добро опремени марини во Мугла се важни пристаништа за луксузните јахти и туристички бродови и крузери.
Претседателот на Здружението на туристички хотелиери и оператори на Даламан-Ортаџа-Којџегиз, Јуџел Окутур, истакна дека актуелната туристичка сезона во Мугла е најдобра во споредба со изминатите неколку години.
И претседателот на Здружението на хотелиери на Фетије (FETOB), Булент Ујсал, рече дека расте бројот на туристи во јули, додавајќи дека хотелските капацитети во Фетије се целосно пополнети.