Nazlı Yüzbaşıoğlu
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
АНКАРА / ТЕХЕРАН
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција сака додатно да ги развива длабоко вкоренетите односи со Иран и соработката на регионалните и глобалните прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу престојува во официјална посета на Техеран, главниот град на Иран, каде што се состана со министерот за надворешни работи на Иран, Хосеин Амир Абдолахиан.
Чавушоглу за време на заедничката прес-конференција истакна дека би сакале во време на оваа година да се одржи 7. состанок на Советот за соработка на високо ниво меѓу двете држави, доколку сите подготовки бидат завршени навреме.
„На предлог на Иран, нашите делегации ќе работат на утврдување на мапата на патот за долгорочна и сеопфатна соработка. Доколку стигнеме, сакаме да го потпишеме тоа на маргините на овој самит“, изјави шефот на турската дипломатија.
Тој додаде дека со иранскиот колега разговарале и за безбедносните прашања како што се тероризмот, миграциите и криумчарењето луѓе, напоменувајќи дека сакаат да ја зголемат солидарноста и во овие области.
Тој нагласи дека поради последиците предизвикани со пандемијата на Ковид-19, обемот на билатералната трговија со Иран бил намален, но сепак оваа година радува зголемувањето од 71 отсто во првите девет месеци во однос на минатата година.
„Преговараме шест години за проширувањето на договорот за преференцијална трговија. Сакаме да го завршиме тоа сега за нашата меѓусебна трговија да се зголеми уште повеќе“, изјави Чавушоглу.
Истакна дека Турција на сите платформи јасно истакнува дека едностраните санкции кон Иран се погрешни.
„Сметаме дека сите страни треба да ги преземат неопходните чекори за повторно да го направат оперативен Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA). Особено оние кои се повлекоа од овој договор треба да ги преземат неопходните чекори. Исто така, едностраните санкции кон Иран треба да бидат укинати. Сакам да истакнам дека сме многу среќни што повторно ќе започнеме разговори во Виена. Позитивниот исход од овие разговори ќе биде важен, не само за нашите економски односи, туку и за стабилноста на целиот регион“, изјави Чавушоглу.
Нуклеарниот договор, познат и како Заеднички сеопфатен акционен план - JCPOA, беше потпишан меѓу Иран и големите светски сили Кина, Русија, Франција, Велика Британија, САД и Германија.
Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, во мај 2018 година ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран, тврдејќи дека Техеран води тајна програма за развој на нуклеарно оружје.
Чавушоглу посочи дека во регионот во кој се наоѓаат Турција и Иран се случуваат важни настани, истакнувајќи дека е поважно од кога било да се одржи дијалогот и соработката за регионалните прашања.
Тој додаде дека Авганистан е едно од тие прашања.
„Мораме да продолжиме да работиме на политичко решение во Сирија. Ирак е и наш сосед. Има случувања и во Заливот. Проблемот во Јемен продолжува. Подготвени сме блиску да соработуваме со Иран за овие прашања, посебно во формат 3+3, заради стабилноста на јужен Кавказ.“
Чавушоглу исто така рече дека Иран и Турција би можеле да дадат значаен придонес за стабилноста на Ирак.
„Ќе ја продолжиме соработката за прашањето за Сирија во форматот од Астана. Сакаме да одржиме средби на ниво на лидери и министри за надворешни работи во наредниот период“, рече тој.
Истакна дека позициите на Турција и Иран се преклопуваат за многу прашања поврзани со трајниот мир и стабилноста во Авганистан.
„Загрижени сме поради моменталната ситуација во Авганистан. Има голем број тешкотии, хуманитарна криза, економски тешкотии. Нашата желба е да воспоставиме инклузивна и сеопфатна влада“, рече тој.
Запрашан за транзитната рута меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Иран и Турција, Чавушоглу рече дека Турција го поддржува секој проект што ќе резултира со зајакнување на трговските односи.
„Турција поддржува и е вклучена во сите видови проекти кои ќе ја зголемат трговијата во нашиот регион и ќе ги зајакнат врските меѓу земјите“, рече Чавушоглу.