Semra Orkan,Mehmet Ali Derdiyok
11 Февруари 2016•Ажурирај: 12 Февруари 2016
ИСТАНБУЛ (AA) - Турскиот министер за внатрешни работи Ефкан Ала соопшти дека денес се завршени антитерористичките операции во областа Чизре, во покраината Ширнак на југоистокот на земјата, но дека полицискиот час ќе остане на сила уште неколку дена, јавува Anadolu Agency (AA).
„Антитерористичките операции во Чизре завршија со голем успех, но продолжена е акцијата за чистење на населеното место. На сила, одредено време, ќе остане забраната за излегување на улица бидејќи постои можност терористите да имаат оставено замки или да минирале одредени подрачја, а никакко не сакаме граѓаните да ги доведеме во таква опасност”, кажа Ала.
Нагласувајќи дека терористичките елементи се исчистени и дека турските сили презедоа апсолутна контрола во Чизре, министерот Ала рече дека ќе бидат поставени контролни пунктови со цел зачувување на безбедноста на граѓаните.
Ала истакна дека властите на Република Турција продолжуваат со антитерористичката борба и во други југоисточни региони, во кои припадниците на сепаратистичката организација ПКК имаат поставено барикади и го загрозуваат животот на граѓаните и јавниот ред и поредок во земјата.
Турските сили за безбедност од средината на декември минатата година изведува опсежни антитерористички операции во неколку градови во југоисточниот дел на земјата, а тие се особено интензивни во Чизре и Сур. Според податоците кои Генералштабот на турската војска ги објави вчера, во операциите во Чизре во тој период убиени се најмалку 597 терористи на ПКК.
ПКК се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и Европската унија. Припадници на таа организација во јули минатата година ги обновија своите повеќедецениски терористички активности на југоистокот на Турција.
Најмалку 260 припадници на турските сили за безбедност загинаа во тие терористички напади, а убиени се илјада терористи.