Nazlı Yüzbaşıoğlu
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Властите на Република Турција врачија дипломатска нота до властите на Исланд во која го осудија синоќешниот неадекватен однос кон фудбалската репрезентација на аеродромот во Кефлавик и бараат дополнителни мерки за безбедност за членовите на турскиот национален тим, јавува Anadolu Agency (AA).
Нотата до ресорните власти на Исланд е врачена преку турската Амбасада во Осло, а во неа се наведува дека турските фудбалери биле подложени на повеќечасовна пасошка контрола, претреси на нивниот багаж и дека биле жртви на непочитување и агресивно однесување од страна на исландските службеници.
Најостро осудувајќи го тој случај, Турција побара дополнителни мерки за безбедност за репрезентативците и за Стручниот штаб.
Со цел и лично да го пренесе незадоволството на Турција, амбасадорот на земјата во Осло, Фазли Чорман, отпатува на Исланд.
Турција и Исланд утре ќе го играат квалификацискиот меч за пласман на Европското првенство 2020, а турскиот тим доцна синоќа со посебен лет од Коња стигна во Кефлавик.
Членовите на турската репрезентација поради детални пасошки контроли на аеродромот се задржани подолго од два часа, а детално е прегледуван и сиот багаж на сите фудбалери.
Најискусните во турската екипа, Емре Белезоглу и Бурак Јилмаз, негодуваа поради мерките на кои беа подложени.
„Ова е безобразие. Стоев таму три часа. Сите торби ги отворија и ги пребаруваа повеќепати. Летавме 6,5 часа, а сега чекаме три часа“, рече Јилмаз.
„Не би сакал да говорам ништо, тие нека го објаснат сето ова. Навистина е штета, од слетувањето нѐ подложуваат на непотребни контроли“, рече Белезоглу.
Додека Белезоглу даваше изјава, навивач на Исланд му пријде и му пружи четка за ВЦ-шолја, по што полицијата го приведе.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, за неприфатливо го оцени однесувањето на исландските служби кон турската репрезентација.
„Тоа не е во согласност со дипломатските норми и ние ќе преземеме адекватни мерки, во тоа никој да не се сомнева“, порача Чавушоглу.