Sena Güler
16 Мај 2020•Ажурирај: 17 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Турција ќе почне да прифаќа пациенти од 31 земја заклучно со 20 мај како резултат на олабавувањето на ограничувањата воведени против коронавирусот, соопшти турското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во официјалното известување од Министерството се наведени условите за прифаќање на пациентите, влезот во земјата, приемот во болница, лекувањето, отпуштањето и правилата за изолација.
Исто така нагласени се и мерките што треба да се преземат за пациентите и за нивните придружници.
Земји од каде што ќе се прифаќаат пациенти се Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Албанија, Грција, Германија, Велика Британија, Украина, Русија, Ирак, Либија, Азербејџан, Грузија, Туркменистан, Узбекистан, Казахстан, Џибути, Алжир, Романија, Молдавија, Сомалија, Кувајт, Катар, Бахреин, Оман, Германија, Велика Британија, Холандија, Пакистан, Киргистан и Турската Република Северен Кипар.
Во земјата ќе се прифаќаат пациенти на ортопедија и трауматологија, општа хирургија, детска хирургија, урологија, очни болести, кардиологија, кардиоваскуларна хирургија, хируршка онкологија, гинеколошка онколошка хирургија, медицинска онкологија, радиолошка онкологија, неврохирургија, хематологија, интензивна нега, примена на третман за асистирана репродукција, трансплантација на органи и трансплантација на коскена срж.
Пациентите ќе бидат регистрирани во табелата за пациенти на Меѓународните здравствени услуги Инк. (USHAS) и по претходно одобрување, а писмото за одобрување ќе биде испратено до соодветните институции. Документите потребни за претходно одобрување ќе бидат објавени од USHAS.
Во Турција ќе биде дозволен влез на најмногу двајца придружници по пациент. Пациентите и придружниците ќе поминат преку PCR-тест за Ковид-19 или ќе им бидат земени примероци за PCR-тестот за одреден надомест при влез во Турција на аеродромите или на граничните премини.
Доколку постои достапно тестирање за Ковид-19 во матичната земја, од пациентите се бара да се тестираат 48 часа пред патувањето и да донесат негативен PCR-тест за Ковид-19.
Во земјата ќе биде дозволен влез само на лицата со негативен тест за Ковид-19.
По влегувањето во Турција, пациентите и нивните придружници директно ќе бидат однесени во болницата каде што имаат закажана средба и нема да бидат сместувани на друго место.
Цел кат или ходник на болниците ќе биде наменет само за пациентите кои доаѓаат од странство.