Enes Duran
31 Март 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
АНКАРА (АА) - Турција е земја-домаќин на најголем број бегалци од Сирија. Јавните институции, невладините организации и граѓаните на Турција, за потребите на Сиријците издвоија помош во висина од 25 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Со хуманитарната помош што ја дава, Турција е пример на светско ниво и продолжува да биде надеж за Сиријците кои бегаат од седумгодишната граѓанска војна во нивната татковина, која е најголема човечка драма во светот по Втората светска војна.
Според информациите што дописникот на АА ги доби од Дирекцијата за управување со кризи и вонредни состојби (АФАД), од 15 март 2011 година, кога започнаа првите внатрешни превирања во Сирија, земја со население од 20 милиони жители, дојде до ситуација во која 13,5 милиони лица имаат потреба од помош. Во овој период, околу 4,9 милиони лица најдоа спас засолнувајќи се во соседните земји.
Под координација на АФАД, бегалците што од војната во Сирија се засолнија во Турција, добија можност за еден нов живот.
Во тие рамки, АФАД изгради 26 центри за бегалци, во кои на бегалците им се нуди физичка, социјална и психолошка помош. Во центрите, покрај здравствената заштита, се организираат и стручни курсеви.
- Продолжува образованието на 510.000 Сиријци во Турција -
Со цел да не дојде до загуба на една генерација, АФАД во центрите за згрижување овозможи образование за 82.000 сириски деца. Во соработка со Министерството за образование на Турција, 510.000 деца се тргнати од улиците и овозможено им тие да се образуваат, од градинки до школување во гимназии. Од оваа бројка, 245.000 лица се школуваат во привремени центри за образование, додека 183.000 се школуваат во државните училишта на Турција.
- Во Турција се родија 200.000 бебиња од бегалците -
Во рамките на здравствената заштита на бегалците од Сирија и од Ирак, спроведени се 840.000 операции.
Во Турција, 200.000 сириски бебиња за првпат го видоа светот. Во центрите за згрижување, за мајките-родилки, трудниците и за мајките-доилки се подготвува и посебна услуга за избор на храната.
За храна и останати производи, засолниште, хигиена, лекови и медицински материјали се потрошени околу 480.000 долари, а помошта до сириските бегалци е доставена со 31.066 возила.
- Турција самостојно се грижи за бегалците -
Со цел да се зацелат раните на сириските бегалци и тие одново да го започнат својот живот, Турција во согласност со стандардите на Обединетите нации (ОН) потроши 12,1 милијарда долари.
Меѓународната заедница од ова жртвување на Турција покри само 526 милиони долари. Јавните институции, невладините организации и граѓаните, за потребите на сириските бегалци во Турција дадоа помош во висина од 25 милијарди долари.
Турција е земја што самостојно се грижи за повеќе од половината сириски бегалци во светот. Високиот комесаријат за бегалци при ОН (УНХЦР) соопшти дека Турција е земја-домаќин на најголем број бегалци во светот, додека УНИЦЕФ објави дека Турција е земја-домаќин на најголем број деца-бегалци во светот.