Ferdi Uzun
03 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
АЈДИН
Микроскулпторот Неџати Коркмаз за шест месеци работа изработи 15 мали скулптури од гуми за џвакање со цел да го привлече вниманието на проблемот со загадувањето на животната средина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коркмаз, своите дела направени со помош на микроигли ги изложи во уметничкиот центар што го носи неговото име во областа Кушадаси. Во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека од неодамна почнал да изработува скулптури од гума за џвакање.
Истакнувајќи дека гумата за џвакање што ја купува за околу шест месеци ја претвора во скулптура, Коркмаз додаде дека гумата за џвакање фрлена во природата тешко се разложува и затоа има за цел да го привлече вниманието на проблемите што може да се појават во околината.

Наведувајќи дека направил 15 скулптури со големина од 3 до 15 сантиметри, Коркмаз рече: „Сите се направени со употреба на гуми за џвакање. Користев разнобојни гуми за џвакање. Во светот првпат се прави вакво нешто. Изложбата беше интересна. Посетителите на почетокот не веруваат дека се направени од гуми за џвакање. Со овие дела сакавме да дадеме еколошка порака. Направивме скулптури како што е рибен скелет на кој се лепат отпадоци, ликот на Шерлок Холмс и други дела.“
Коркмаз додаде дека делата што ги направил од гуми за џвакање може да се видат со голо око во споредба со другите негови дела.

- Неговите дела се гледаат со микроскоп
Во уметничкиот центар изложени се повеќе од 40 дела на Коркмаз, кои можат да се видат само со лупа или микроскоп.
Посетителите имаат можност да видат двемилиметарска „статуа на доктор“, направена од керамика на врвот на иглата од шприцот, зборот „Besmele“ испишан на влакно од коса, 99 имиња на Алах испишани на бројаница направена од семе од смоква, шах-комплети и ракописи.
