Sibel Uğurlu
24 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Турција најостро го осуди вчерашниот обид за државен удар против регионалната Влада на Амхара во Етиопија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Длабоко жалиме поради смртта на началникот на Генералштабот на Етиопија како резултат на нападот изведен во Адис Абеба, поврзан со обидот за државен удар“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Генералот Сеаре Меконен беше застрелан во неговиот дом во Адис Абеба од страна на неговото сопствено обезбедување.
Во Амхара, група вооружени лица отворија оган на состанокот на високо ниво, при што убиени се регионалниот гувернер Амбаче Меконен и неговиот советник Ајзес Васе.
Турското Министерство упати „сочувство до пријателскиот народ и до Владата на Етиопија“.
Во соопштението, исто така, се нагласува дека Турција е против сите обиди за незаконска промена на избраните власти и изрази поддршка за Етиопија по обидот за државен удар.
Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, вчера изјави дека убијците се уапсени и дека е започната истрага.
Тој додаде дека државниот удар е оркестриран од бригадниот генерал Асамине Циге, шеф на Регионалното биро за безбедност. Асамине беше еден од многуте политички затвореници кои беа амнестирани по доаѓањето на власт на Абиј во април минатата година.