Muhammed Nuri Erdoğan
15 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
АНКАРА
Граничните единици на турските сили фатија пет припадници на терористичката организација ФЕТО, кои се обидувале нелегално да преминат во Грција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Република Турција соопшти дека е откриена група од пет луѓе кои нелегално се обиделе да преминат во Грција преку границата во близина на местото Ипсала кај турскиот град Едрене.
Во соопштението се истакнува дека е утврдено оти станува збор за припадници на терористичката организација ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.