Handan Kazancı
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турција доцна синоќа издаде нов навигациски телекс или Навтекс за областа во која нејзиниот брод за истражувања на енергетските ресурси „Оруч Реис“ планира да спроведува истражувачки активности до 22 октомври, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението, мисијата на бродот ќе трае од 12 октомври до 22 октомври.
Навтекс е поморски комуникациски систем што им овозможува на бродовите да ги информираат другите пловила за нивното присуство во одредена област, како и за други информации.
Бродот „Оруч Реис“ ќе спроведе сеизмички истражувања во Источниот Медитеран заедно со уште два други брода, „Атаман“ и „Џенгиз Хан“.
Истражувачкиот брод може да спроведува секакви видови геолошки, геофизички, хидрографски и океанографски истражувања, особено на континенталниот гребен, и истражувања за присуство на природни ресурси.
Во август, Турција продолжи со истражувања за енергетските ресурси во Источниот Медитеран, откако Грција и Египет потпишаа спорен договор за одредување на поморската граница.
Прогласувајќи го грчко-египетскиот договор за неважечки, Турција наложи бродот „Оруч Реис“ да ги продолжи своите активности во рамките на турскиот континентален гребен.
Турција континуирано се спротивставува на напорите на Грција за прогласување ексклузивна економска зона врз база на малите острови во близина на турскиот брег.
Анкара, исто така, нагласи дека енергетските ресурси во близина на Кипар мора да бидат поделени праведно помеѓу Турската Република Северен Кипар (ТРСК) и администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар.