Jeyhun Aliyev
09 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
ГАЗИМАГУСА/АНКАРА (АА) -Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека грчко-кипарската страна треба „да научи да споделува“ во Источниот Медитеран, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на неговиот состанок со граѓаните на турскиот дел на Кипар, во регионот Јени Еренкој во Турската Република Северен Кипар (TRNC), Чавушоглу изјави дека никој не може да се меша во активностите на Турција во Источниот Медитеран.
Чавушоглу истакна дека Турција ќе продолжи да го поддржува турскиот народ на Кипар без какво било двоумење.
Чавушоглу повтори дека страната на кипарските Турци предложила воспоставување на „партиципативен, фер и ориентиран кон решение“ заеднички комитет со страната на кипарските Грци, додавајќи дека грчката администрација го отфрлила тоа.
„Ние сакаме да ги предупредиме оттука, дека никој, без разлика дали ве поддржува ЕУ, Грција или некој друг, не може и нема да се меша во нашите активности овде. Она што треба да го направите е да научите да споделувате“, рече тој.
Турскиот министер нагласи дека решение за кипарското прашање не можело да се изнајде 60 години бидејќи кипарските Грци не знаат да споделуваат, додавајќи дека кипарските Турцци и Турција бараат решение.
„Како Турција, ќе продолжиме да го зголемуваме нашиот придонес за зајакнување на економијата на Турската Република Северен Кипар“, додаде тој.
Турција долго време го оспорува едностраното дупчење во Источниот Медитеран спроведено од администрацијата на кипарските Грци, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар (TRNC), исто така, има права на ресурсите во тоа подрачје.
Од оваа пролет Анкара во Источниот Медитеран испрати два брода за сондажа „Фатих“ и „Јавуз“, потенцирајќи ги правата на Турција и ТРСК врз ресурсите во регионот.
Првиот брод за истражување ресурси „Барбарос Хајредин-паша“ кој Турција го купи од Норвешка во 2013 година, спроведува истражувања во Медитеранот од април 2017 година.
Атина и кипарските Грци се спротивставија на овој потег, заканувајќи се со апсење на екипажот на бродовите и ги повикаа лидерите на ЕУ да се приклучат кон нивните критики.
Во 1974 година, по пучот кој имаше за цел анектирање на Кипар од страна на Грција, Анкара мораше да интервенира како гарантна страна. Во 1983 година формирана е Турската Република Северен Кипар.
Оттогаш, направени се неколку обиди за решавање на кипарското прашање, но завршија со неуспех. Последниот таков обид, одржан во 2017 година во Швајцарија, со учество на земјите гаранти, Турција, Грција и Велика Британија, заврши без никаков прогрес.