Nazlı Yüzbaşıoğlu,Fuat Kabakcı
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, коментирајќи ги последните провокации на Ерменија на територијата на Азербејџан, порача дека ерменската страна треба конечно да сфати дека тоа што го прави е залудно и дека нема да донесе никакви резултати. Чавушоглу порача дека Турција секогаш била со Азербејџан и дека така ќе остане, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу денеска во Анкара се состана со министерот за надворешни работи на Бахреин, Абдуллатиф ез Зејани, а по состанокот зборуваше на прес-конференција.
Тој се осврна на ерменските провокации на територијата на Азербејџан. Потсети дека Азербејџан ја вратила својата окупирана територија по речиси 30 години, со операција која траеше 44 дена, спроведена како резултат на ерменските провокации.
„Со тоа [Азербејџан, заб. на авт.] ја покажа својата одлучност. Ја покажа и моќта на Турците. Азербејџан не е сам, ниту ќе биде. Нашите браќа Азербејџанци и Азербејџан никогаш не нѐ оставија сами. Ниту ние Азербејџан нема да го оставиме никогаш сам“, порача Чавушоглу.
Турскиот министер исто така потсети дека Азербејџан понудил сеопфатен мировен договор.
„Победничката и моќна страна ѝ порачува на другата страна: ’Да потпишеме траен мировен договор, да нема веќе судири меѓу нас.‘ Да го погледнеме ставот на другата страна, односно ставот на Ерменија. Непосредно по прекинот на огнот, некои нејзини војници се инфилтрираа на територијата на Азербејџан и ги нападнаа нашите војници. Да, тие се наши, азербејџанските војници се наши војници, бидејќи ние сме еден народ, две држави. Ги нападнаа“, нагласи Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија изјави дека таквите постапки на Ерменија не претставуваат ништо друго туку терористички напад на територијата на Азербејџан.
Тој нагласи дека Ерменија конечно треба да сфати дека ваквите провокации се залудни и дека нема да донесат никакви резултати.
„Нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган, заб. на авт.] го кажа тоа многупати. Сакаме стабилност во регионот. Сакаме да отвориме нови страници. Сакаме да ги нормализираме нашите односи. Погледнете што прави Ерменија додека ние ова го зборуваме. ’Не сакам мир, сакам провокација‘, тоа го вели Ерменија. Што добива за возврат? Ништо. Пак губи“, изјави Чавушоглу.
Тој на крајот додаде дека Ерменија требало да заземе став на мир, стабилност и благосостојба во регионот.
„Она што морате да го прифатите. Тоа беше територија на Азербејџан, неправедно ја окупиравте. Азербејџан ја врати својата територија, не ја допре вашата територија. Тоа мора да го прифатите. Тоа мора да го почитувате. Ќе седнеме и ќе разговараме. Заедно ќе преземеме чекори на стабилност и мир во регионот. Доколку Ерменија се согласи на тоа, и ние сме тука, но со вакви провокации не може да постигне резултат, може само да губи“, заклучи Чавушоглу.
„Најмалку седум азербејџански војници загинаа вчера за време на борбените операции на азербејџанско-ерменската граница“, соопшти Министерството за одбрана на Азербејџан.
Односите меѓу Ерменија и Азербејџан се проблематични од почетокот на 90-тите години на минатиот век кога Ерменија го окупира Нагорно Карабах и уште седум соседни региони кои се суверен дел од територијата на Азербејџан.
За време на 44-дневниот судир кој започна кон крајот на септември минатата година, Азербејџан ослободи неколку града и 300 населби и села кои Ерменија нелегално ги држеше под окупација речиси 30 години.