Sinan Uslu
21 Април 2018•Ажурирај: 22 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим денеска во Анкара порача дека воведувањето на претседателски систем на управување на државата ќе го зајакне политичкиот систем во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес во Анкара се обрати на Конгресот на Асоцијацијата на млади од Партијата на правдата и развојот (АК Parti), и притоа се осврна на актуелните случувања во земјата.
„Со претседателскиот систем на државно управување правиме нов чекор, кој ќе го зајакне нашиот политички систем. Со изборите на 24 јуни ќе добиеме силен парламент и силна извршна власт, а освен тоа и систем на урамнотежена контрола, поврзан со демократската и правната држава“, порача Јилдирим.
Тој потсети дека Референдумот на 16 април 2017 година во Турција беше пресвртна точка во политичката историја на земјата, и дека турскиот народ со самото тоа направил една историска одлука.
Турскиот народ го отфрли парламентарниот систем, за кој е потврдено дека не е доволно силен за да ја носи Турција кон иднината, и го прифати претседателскиот систем на водење на државата. Ние му се заблагодаруваме за оваа одлука“, рече Јилдирим.
Тој додаде дека турскиот народ со оваа одлука сакал да ја стави својата демократија под гаранција.
„Народот порача 'стабилност во управувањето, стабилност во економијата'. Рече 'силно управување, силна Турција'. Во текот на парламентарниот систем некои постојано се обидуваа да ја стават под притисок волјата на народот. Понекогаш интервенираа директно, понекогаш индиректно. Постојано се обидуваа да ја нарушат стабилноста на власта. Во една ноќ ја уништија државната економија. Меѓу нашиот народ го посеаја семето на поделбата. Ние против сето тоа моравме силно и одлучно да се бориме“, порача Јилдирим.