АНАЛИЗА - Седум кандидати во трката за претседател на Црна Гора, победникот се решава во вториот круг
На 14 дена до изборите, на кои ќе учествуваат седум кандидати, се очекува изборната трка за шефот на државата да биде најнеизвесна од 2006 година
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателските избори во Црна Гора, четврти од обновата на независноста и седми од воведувањето на повеќепартискиот систем, ќе се одржат на 19 март. На 14 дена до изборите, на кои ќе учествуваат седум кандидати, се очекува изборната трка за шефот на државата да биде најнеизвесна од 2006 година, кога Црна Гора ја обнови независноста, а победникот да биде решен по два круга избори, пишува Анадолу.
На изборите ќе учествуваат актуелниот претседател на државата и лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ, претседателот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ, заменик-претседателот на Движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, и лидерот на Демократите, Алекса Бечиќ.
Кандидати се и пратеничката на Социјалдемократската партија, Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ, лидерот на Обединета Црна Гора, Горан Даниловиќ, и инфлуенсерот Јован Радуловиќ.
- Од 1990 година сите претседатели биле од Демократската партија на социјалистите -
Од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора во 1990 година, сите претседатели биле од редовите на Демократската партија на социјалистите (ДПС). Пред Мило Ѓукановиќ, актуелниот челник на државата и шеф на ДПС, претседател на Црна Гора беше Филип Вујановиќ - во три мандати, од 2003 до 2018 година.
Пред Вујановиќ, претседател беше Ѓукановиќ - еден мандат, откако во октомври 1997 година на непосредните избори го победи Момир Булатовиќ.
Ѓукановиќ на последните избори во 2018 година во првиот круг го победи кандидатот поддржан од тогашната опозиција Младен Бојаниќ со 53,9 отсто од гласовите.
- Ѓукановиќ сака уште еден мандат, Мандиќ и Милатовиќ сериозна конкуренција -
Ѓукановиќ во претседателската трка влегува од позицијата шеф на државата и лидер на опозициската ДПС, која ја загуби власта на изборите во 2020 година. Иако долго време се шпекулираше дали тој ќе биде кандидат на неговата партија, сите истражувања покажаа дека тој е единствениот кандидат од опозицијата кој во моментов има шанси за победа, имајќи предвид дека неговите противкандидати се главно лидери на најсилните партии.
Се очекува Ѓукановиќ во првиот круг да освои најмногу гласови, но не доволно за победа во првиот круг. Затоа, во зависност од тоа кој ќе му биде противкандидат на Ѓукановиќ во вториот круг, ќе биде многу појасно какви се неговите шанси и во наредните пет години да биде на чело на државата.
Најсериозен ривал на Ѓукановиќ ќе му биде Андрија Мандиќ, еден од лидерите на ДФ. Тој е долгогодишен политичар, познат и по тоа што е обвинет во аферата „државен удар“ за подготовка на насилна промена на власта на денот на изборите во 2016 година. Во првостепената постапка е осуден на затворска казна, која Апелациониот суд ја укина и случајот го врати на повторно судење. Иако познат по ставовите против независноста на Црна Гора, против признавањето на независноста на Косово и воведувањето санкции против Русија, Мандиќ ја води кампањата во насока на помирување.
Истражувањата на јавното мислење му даваат добри шанси да влезе во вториот круг и на Јаков Милатовиќ. Станува збор за заменик-претседателот на Движењето „Европа сега“, кој ја извршуваше функцијата министер во 42-та Влада на Црна Гора. Заедно со лидерот на Движењето, Милојко Спаиќ, во јавноста е познат како реформатор на јавните финансии во Црна Гора. Нивниот економски проект „Европа сега“ донесе зголемување на минималната плата од 250 на 450 евра, додека просечната плата во Црна Гора се зголеми на 700 евра. Исто така, пензиите во Црна Гора се значително зголемени врз основа на оваа програма.
Движењето „Европа сега“ оствари значаен резултат на изборите во Подгорица, а како кандидат за градоначалник се споменуваше токму Милатовиќ.
- Најкратка кампања досега -
Во изборната трка учествуваат и лидерот на Демократите, Алекса Бечиќ, лидерот на Обединета Црна Гора, Горан Даниловиќ, пратеничката на СДП, Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ, и инфлуенсерот Јован Радуловиќ. Овогодишните претседателски избори ќе бидат специфични и по тоа што времето за кампања ќе биде многу пократко отколку што беше досега. Државната изборна комисија вчера го утврди редоследот на гласачкото ливче, а претседателските дебати почнаа неделава.
Аналитичарите, како и неколкуте последни истражувања на јавното мислење, укажуваат дека победникот на изборите ќе се одлучува во вториот круг од изборите. Мандатот на претседателот на Црна Гора трае пет години. За кандидатот да победи во првиот круг треба да освои повеќе од 50 отсто од гласовите на излезените гласачи. Доколку не се случи тоа, во вториот круг ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со освоени најголем број гласови. Вториот круг се одржува две недели подоцна.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.