Пишува доц. проф. Дмитриј В. Шлапентох
- Авторот е вонреден професор по историја на Универзитетот „Саут Бенд“ во Индијана, САД.
ИСТАНБУЛ (АА) - Обидот на Западот да ја маргинализира Русија и да ја избрка од западните економски аранжмани може да успее. Сепак, послабата Русија не би имала избор освен да ја прифати Кина. И ова ќе ѝ помогне на Кина да постигне глобална доминација во иднина.
- „Свртување кон Истокот“ и неговите лимити -
„Свртување кон Истокот“ (Povorot k Vostoku) беше мала брошура објавена пред речиси сто години од руски емигрант. Го започна она што се нарекува „евроазиство“. Неговите поборници веруваа дека Русија не е ниту словенска цивилизација (поентата на словенофилите), ниту му припаѓа на Западот, како што веруваа приврзаниците на вестернизацијата.
Според мислењето на Евроазијците, Русија е единствена цивилизација заснована главно на „симбиозата“ на православните Словени и муслиманските Туркијци. Евроазиството беше, на некој начин, одраз на советската идеологија, која го потенцира појавувањето на мултиетничките „советски народи“, посебна квазинација.
Евроазиството, главно непознато за време на советската ера, стана многу популарно кон крајот на советската ера и на почетокот на постсоветскиот режим. Може да се каже дека „евроазиството“ е ориентирано кон Азија. Сепак, Евроазијците со сета нивна аверзија кон Западот и ценењето на турскиските народи во Русија/СССР не беа многу заинтересирани за Кина. Обично беше игнорирана или се гледаше како кон непријателска сила. Всушност, свртувањето на Русија кон Исток секогаш било ограничено.
- Границите на тежнеењето кон Кина -
Во поголемиот дел од советската историја по Втората светска војна, Кина и СССР беа смртни непријатели, особено по посетата на американскиот претседател Никсон на Пекинг. До крајот на советската ера, односите помеѓу Пекинг и Москва беа обновени и трговијата беше продолжена. Сепак, зближувањето на Москва со Пекинг беше бавно и неволно. За тоа имаше неколку причини.
За почеток, новонастанатата постсоветска елита и неизмерно богатите тајкуни и средната класа се плашеа од кинескиот тоталитарен модел, во кој самата природа на приватната сопственост не постои, а наведениот модел продолжува да биде крајниот сопственик, кој спречува „симбиоза“ меѓу тајкуните и бирократијата. Ова беше моделот на работа на постсоветска Русија, особено по подемот на Путин. Многу тајкуни и припадници на просперитетната средна класа не беа сигурни околу безбедноста на своето богатство. Покрај тоа, тие ги инвестираа своите средства на Запад, каде што претпоставуваа дека и нивните пари и нивниот имот ќе бидат безбедни.
Многу од нив беа студенти за време на советската ера и нивните советски предавачи им велеа дека приватната сопственост е „света“ на Западот, како што некогаш рекол Карл Маркс. Неодамна ќе сфатеа колку погрешил Карл Маркс. И за елитата и за општите народни маси, Кина не може да обезбеди удобно живеење, слично на начинот на живот на Западот. Сакаа да живеат во Европа, ако не во САД, чиј имиџ почна да расте пред некое време.
Имаше, исто така расни, културни и историски стереотипи. Во умовите на многу Руси, Кинезите беа поврзани со азиски варвари, како што се Монголите, чие разорно освојување во 13 век доведе до она што руската историографија го нарече „татарско-монголски јарем“. Ова траеше околу 250 години и довело, како што тврдат повеќето руски историчари, до деградација на земјата и заостанување зад напредниот Запад, кој ја привлекуваше руската елита од 18 век.
Оваа слика за Кина била широкораспространета помеѓу советските дисиденти од доцната ера на Брежњев, како што сведочат делата на Андреј Амалрик. Руските вестернизирани либерали, кои се појавија како водечка интелектуална и културна сила по распадот на СССР, обично се придружуваа на имиџот на Кина во западниот, првенствено американски дискурс, кој постојано тврдеше дека тоталитарниот систем на Кина е апсолутно нефункционален и дека земјата нема иднина.
Некои руски автори презентираа една алтернативна визија на историјата, во која Кина игра водечка улога во судбината на Русија. Ова беше случајот со рускиот писател Вјачеслав Рибаков, кој го користеше името ВанЗаичик. Во неговите романи, Русија станува дел од Кинеската Империја, која била преобразена во Орудусија (комбинација од имињата Орда и Русија).
Сепак, овој роман беше необичен литературен кич, или пародија, а не политичка програма. Но, и покрај желбата на руските елити и масите, во нивното мнозинство да се дистанцираат од Кина, Русија започна да ја чувствува економската гравитација на Кина сѐ повеќе и повеќе, главно, бидејќи доживеа зголемени проблеми во справувањето со Западот.
- Економскиот притисок на Кина и последиците -
На почетокот на постсоветска ера, Русија сѐ уште веруваше дека на Пекинг многу ќе му треба Москва. Затоа, Русија започна да ѝ продава оружје на Кина во 1990-тите. Сепак, како што одминуваше времето, Кина изгледаше сѐ помалку и помалку зависна од руското оружје. Трговијата со Далечниот Исток се интензивира. Сепак, ова ја зголеми зависноста на регионот од Кина и создаде потенцијал за сецесија на регионот од Руската Федерација.
Сепак, Москва не инвестираше многу во областа, и покрај многуте разговори.Растечката неспособност на Москва да се ослободи од гравитациската сила на Пекинг може убаво да се види во договорите за гас. Москва одамна се вклучи во преговори со Пекинг, поврзани со договори за гас. Сепак, Пекинг не беше подготвен да ја плати истата цена како европските клиенти, а разговорите не доведоа никаде.
Рускиот конфликт со Украина и анексијата на Крим променија сѐ. Чувствувајќи го проблемот со Западот, Путин веднаш се согласи со условите на Кина во 2014 година. Гигантскиот гасовод „Моќта на Сибир“ беше огромен и скап потфат, а некои набљудувачи претпоставуваа дека „Гаспром“, главната руска компанија за гас, никогаш нема да направи профит. Гасоводот сѐ уште беше јасна победа за Кина: не само што доби евтин и стабилен извор на гас, туку тоа ја направи неговата испорака безбедна во случај на конфликт со САД.
Економската зависност од Кина стана поочигледна како што одминуваше времето. Додека стартувањето на „Северен тек 2“ стана сѐ понеизвесно, а Путин планираше инвазија на Украина, кинескиот пазар стана поважен за Москва.
Пред војната во Украина, Путин ја посети и Кина и обезбеди договор за друг гасовод. Путин претпоставуваше дека украинскиот потфат ќе биде брз и лесен „блицкриг“ во стилот на војните во 2008 и 2014 години, и тој веруваше дека Западот, сепак, ќе биде заинтересиран за рускиот гас. Сепак, сѐ тргна наопаку, војната стана подолг и крвав конфликт, што доведе до протерување на Русија од економијата на Западот. Кина се појавува тука не само како главен туку можеби и како единствен пазар, не само за гас, туку и за сѐ друго.
Покрај тоа, Кина можеби е единствената земја чиј финансиски систем може да биде поврзан со руската финансиска мрежа. Со завршувањето на ангажманот на „Виза“ и останатите финансиски сервиси со Русија, кинеските компании понудија замена. Прифаќањето и ширењето на кинеските картички може да има не само економски импликации, зголемена интеграција на Русија во кинескиот економски комонвелт, туку и културно влијание.
- Раѓањето на „Ордусија“ и азискиот век -
Патувањето во европските земји станува сѐ покомплексно, не само поради проблемите со влезната виза туку и поради тоа што кинеските кредитни картички не се прифатени на повеќето места на Запад. Во исто време, Русите можат лесно да ја посетат Кина и другите земји кои сѐ повеќе зависат од економскиот ангажман на Кина, како што е Иран.
Руските студенти ќе увидат дека одбивани од западните универзитети од една страна, тие ќе бидат добредојдени од Кинезите. И доколку овој процес на изложеност кон Кина или општо кон Ориентот продолжи подолго време, можно е да се случи фундаментална промена во руската култура: не само што наследството на Петар Велики, вестернизирачкиот император, ќе се избрише или драматично ќе се деформира, туку тоа ќе се случи и со „Евроазиството“ или Советството, со својот сè уште латентен русоцентризам, по што ќе се роди киноцентричната „Ордусија“, не како необична постмодернистичка книжевна драма, туку како политичка реалност.
Појавувањето на Русија како главен „помлад брат“ на Средното Кралство, на долг рок може да го открие парадоксот на „Велтгеист“ (духот на историјата). Додека го поздравуваше распадот на СССР и ја маргинализираше постсоветска Русија, западната, особено американската елита, веруваше дека сево ова ќе обезбеди постојана глобална доминација на Западот. Нешто поинакво се случува: отстранувајќи ја Евроазиската или Руската Империја од позицијата на глобален играч, Западот ја отстрани континенталната противтежа кон Кина и обезбеди глобална доминација на Средното Кралство во не толку далечна иднина.
* Мислењата изнесени во овој текст припаѓаат исклучиво на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија.
news_share_descriptionsubscription_contact
