Furkan Abdula
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) – Здружението на заболени од хронична миелоична леукемија (ХМЛ), по повод 22 септември, Меѓународниот ден на заболените од ХМЛ, денеска одржа прес-конференција на којашто беа дадени информации за состојбите на оваа болест во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пепо Леви, претседател на Здружението на заболени од хронична миелоична леукемија (ХМЛ), во изјава за медиумите потсети дека денеска, 22 септември 2017 година, е меѓународен ден за заболените од хронична миелоична леукемија. Тој информираше дека денес над 109 организации на пациенти од областа на заштита на пациентите заболени од ХМЛ, во повеќе од 80 земји во светот го одбележуваат овој ден.
Леви пренесе дека потребата на вакво здружување, како во светот така и во Македонија, произлезе од незаштитеноста од ХМЛ, и посочи дека оваа болест досега однесе безброј човечки животи.
„Нашето здружение е основано во 2007 година, а нашата основна цел беше заштита на заболените од ХМЛ, како и современ и соодветен медицински третман на заболените. Прво и основно беше да се обезбеди Гливек. Конечно, во 2011 година, Македонија се вброи меѓу земјите што го обезбедија Гливекот за заболените од ХМЛ, иако веќе од јуни 2013 почна со употреба на генеричките сѐ уште недоволно испитани лекови“, изјави Леви.
Како што рече тој, статистиките покажуваат дека позитивниот одговор на заболените од ХМЛ изразен во проценти е некаде околу 70 отсто.
„Во Република Македонија денес има над 120 заболени од хронична миелоична леукемија (ХМЛ). И според статистичките податоци и во практиката, околу 30 отсто од заболените од ХМЛ во Република Македонија се без соодветната терапија. Овој број драстично се зголемува секоја година“, рече Леви, истакнувајќи дека денес во светот процентот на преживување на заболените од ХМЛ е голем.
Леви истакна дека со министерот за здравство, Арбен Таравари, нашле решение за интервентно да се увезе Нилотиниб за 20 пациенти и Босфотиниб за еден пациент.
„Се надевам дека во вакви и во слични пригоди ќе бидеме доволно гласни, а одговорните доволно совесни да преземат сѐ што е потребно за, конечно, и заболените од ХМЛ во Република Македонија да го добијат соодветниот третман“, нагласи тој.
Од друга страна, Гоце Чакаровски, заменик-министер за здравство на Македонија, пренесе дека тука се заедно со пациентите за да го одбележат Меѓународниот ден на ХМЛ и јасно и недвосмислено да укажат дека приоритет на оваа влада, а и на Министерството за здравство, секогаш се и ќе останат пациентите.
„Нашата заложба е сите лица на кои им се неопходни соодветни лекови навреме да ги добијат, затоа што тоа е неопходно за нивното здравје и живот“, вели Чакаровски, истакнувајќи дека министерството останува отворено за соработка и за континуирано изнаоѓање стратешки решенија за унапредување на здравствената заштита на оваа категорија граѓани.
Роберт Бекировски, директор на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, нагласи дека достапноста на лековите за оваа категорија на граѓани ќе биде на највисокото ниво.
„Во иднина ќе се залагам да се најде системско решение за ваков тип на специфични категории, и препаратите да се најдат дури и на позитивната листа на лекови, сѐ со една цел, пациентите да не чекаат и да не се соочуваме со вакви слични работи во иднина“, додаде тој.