Andelija Stojkovic
12 Март 2018•Ажурирај: 13 Март 2018
БЕЛГРАД (AA) - Со полагањето на венецот во дворот на Владата на Србија, на спомен-обележјето и на гробот на Зоран Џинџиќ во Алејата на заслужни граѓани, како и со традиционалната „Прошетка за Зоран“, почитувачите, пријателите, семејството и соработниците, денеска ја одбележаа 15-годишнината од убиството на првиот премиер на Србија од падот на режимот на Слободан Милошевиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Цвеќе на спомен-плочата во дворот на Владата на Србија утрово положија претставници на актуелната Влада на Србија, на Владата на Зоран Џинџиќ, како и лидерот на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој беше потпретседател во Владата на Џинџиќ, Чедомир Јовановиќ.
Во „Прошетката за Зоран“, која ја организираше ЛДП, учествуваа неколку десетици лица. Прошетката помина низ главните белградски улици и завршена е со полаѓање венец на гробот на Џинџиќ во Алејата на заслужни граѓани.
Јовановиќ рече дека „Џинџиќ е убиен за Србија да не биде европска“, и дека тој нема да молчи за улогата на поранешниот претседател Војислав Коштуница.
„Драго ми е што гледам венец од српската Влада, би сакал во иднина на Зоран да нè потсетува среќно општество, а не венци“, рече Јовановиќ.
Венци положија и претставници на Советот на српската влада, која работеше по убиството, а која ја предводеше Зоран Живковиќ.
Тој рече дека Србија е далеку од визијата на Зоран Џинџиќ, а за неговото убиство го обвини семејството и соработниците на Милошевиќ.
Владата на Србија денеска донесе одлука на Градот Белград да му уплати околу 110.000 евра за подигнување споменик на Џинџиќ на студентскиот плоштад.
Споменикот ќе биде во облик на прекината сребрена стрела, која ја симболизира мислата на Џинџиќ, прекината на 12 март 2003 година. Споменикот ќе биде висок 6,2 м со звучни ефекти (говори на убиениот премиер).
Зоран Џинџиќ е убиен на 12 март 2003 година во дворот на зградата на Владата на Србија, а за неговото убиство на 40 години затвор е осуден офицерот на Единицата за специјални операции (ЈСО) при Ресорот на државната безбедност, Звездан Јовановиќ. На иста казна за организирање убиство е осуден и командантот на ЈСО, Милорад Улемек.
Политичката заднина на убиството никогаш не е откриена.
Зоран Џинџиќ е роден на 1.8.1952 година во Босански Шамац во Босна и Херцеговина.
Беше првиот некомунистички градоначалник на Белград по 1945 година.
Џинџиќ беше еден од основачите на „Демократска странка“, во која беше претседател на Извршниот одбор, а од јануари 1994 година до убиството беше претседател на ДС.
Тој беше првиот премиер на Србија по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година и по доаѓањето на власт на Демократската опозиција на Србија (ДОС), а за време на неговиот мандат покренат е процес на демократизација на општеството и на економски и социјални реформи.
Владата на Србија, за време на неговиот мандат се залагаше за соработка со Хашкиот трибунал, и токму во тоа време успешно се испорачани неколку обвинети, меѓу кои беше и поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ.