Бугарија бара начини да го сочува населението, кое се намали за околу 30 % во последните 40 години
Фактот дека бројката на смртни случаи е поголема од бројот на новороденчиња во Бугарија во последните 25 години, се наметнува како главен фактор за намалување на населението во земјата

АНКАРА (АА) - ЏАНАН ИСМАИЛ
Населението во Бугарија, кое го достигна максимумот од 9 милиони во 1985 година, е во постојан пад во последните 40 години. Поради нискиот наталитет и зголемената имиграција Бугарија денес има популација од 6,4 милиони, а неуспешни се владините напори да се смени овој тренд, пишува Анадолу.
Според податоците на Бугарскиот национален институт за статистика (НСИ), населението во земјата, кое во 1985 година изнесувало 8.948.000, се намалило на 6.445.000 заклучно со 2023 година, губејќи приближно 30 отсто од популацијата.
Според НСИ, во 2023 година во Бугарија се родиле 57.000 бебиња, а починале 101.000 луѓе. Фактот дека бројката на смртни случаи е поголема од бројот на новороденчиња во Бугарија во последните 25 години, се наметнува како главен фактор за намалување на населението во земјата.
Дополнително, миграцијата од Бугарија во други земји се забрза по пристапувањето на земјата во Европската Унија во почетокот на 2007 година и беше фактор кој придонесе за намалување на населението во последните години во земјата.
- Владата презеде многу мерки за раст на населението -
Иако Бугарија презема многу мерки против намалувањето и се труди тој тренд да прејде во обратна насока, не беше постигнат посакуваниот резултат.
Во тој контекст, Владата на Бугарија во 2012 година ја прифати „Ажурираната национална стратегија за демографски развој на населението“, која го опфаќа периодот 2012-2030 година.
Стратегијата, која има за цел да ја зголеми вклученоста на поединците на возраст од 55 и повеќе години во активниот социјален живот, беше усвоена во 2019 година.
Во последниве години, Владата имаше за цел да ги подобри политиките за индустријализација и домување со доделување повеќе ресурси во руралните области, каде што населението се намалува, и да го поттикне враќањето на мигрантите.
Бугарија има државен систем за поддршка на семејствата и децата од 1960-тите, но ресурсите наменети за оваа програма се недоволни во споредба со другите земји на ЕУ.
- Населението би можело да падне под 5 милиони до 2050 година
Проф. д-р Надејда Илиева од Бугарската академија на науките за Анадолу зборуваше за причините за намалувањето на населението во Бугарија и мерките што може да се преземат против тоа.
Проф. Илиева рече дека населението на Бугарија, кое во последните 10 години се намалува во просек за 84.000 луѓе годишно, се предвидува да падне под 5 милиони во 2050 година.
Посочувајќи дека намалувањето на населението се должи на наталитетот кој е помал од стапката на смртност, Илиева додаде дека ниските стапки на наталитет се забележани не само во Бугарија, туку и во развиениот свет.
Илиева истакна дека Владата презела различни мерки за зголемување на стапката на плодност и дека Бугарија има породилно отсуство од две години кое е едно од најдолгите, но дека сите политики што се спроведуваат низ Европа за да се обезбеди раст на населението генерално не дале многу големи резултати.
Изјавувајќи дека растот на населението во европските земји се постигнува со привлекување имигранти од други региони, Илиева продолжи со зборовите:
„Луѓето секогаш мигрираат на места каде што можат да добијат подобра финансиска и социјална безбедност“.
Изјавувајќи дека миграција од земјата во странство е поголема од внатрешната миграција, проф. Илиева рече:
„По 1989 година започна огромен миграциски бран од политички и економски причини. 467.000 луѓе ја напуштија Бугарија во периодот од 1989 до 1992 година.“
„Во периодот 1993-2000 година бројката изнесуваше 231.00 луѓе, од 2001 до 2010 година 219.000 и 300.000 луѓе во периодот од 2010 до 2020 година. Според наведените бројки, приближно 1.200.000 луѓе емигрирале од Бугарија во периодот од 1989 до 2021 година“.
Од друга страна, проф. Илиева изјави дека во последните години има зголемување на бројот на луѓе кои се населуваат во земјата и дека тоа се должи на враќањето на Бугарите кои живеат во странство и на Турците со бугарско потекло кои доаѓаат од Туркије, додавајќи дека е зголемена урбанизацијата, особено во регионот Кирџаали, каде што живеат голем број Турци.
Информирајќи дека густината на населеност е најмала во северозападниот регион на Бугарија, Илиева рече дека сериозно намалување во последните години е забележано и во регионот на Западните Родопи.
Илиева додаде дека растот на населението во главниот град Софија и поголемите градови Пловдив, Варна, Бургас, Русе и Стара Загора продолжува и додаде дека се очекува овој тренд да продолжи и во наредните години.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.