Vesna Besic
11 Јули 2023•Ажурирај: 12 Јули 2023
ПОТОЧАРИ (АА) - На денешната комеморација на 28-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница присуствуваат голем број делегации од регионот, Европа и светот, кои положија цвеќиња и им оддадоа почит на жртвите погребани во Меморијалниот центар во Поточари, јавува Анадолу.
Меѓу оние што денес им оддадоа почит на жртвите и положија цвеќиња на гробиштата во Меморијалниот центар во Поточари беа членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.
Цвеќиња положија и претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Меѓу официјалните лица што денес им оддадоа почит на жртвите на геноцидот и положија цвеќиња беа министерката за семејство и социјални услуги на Туркије, Махинур Оздемир Ѓокташ, и амбасадорот на Туркије во Босна и Херцеговина, Садик Бабур Гиргин.
Денес на гробиштата во Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 30 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година врз жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница.
Меѓу жртвите што годинава ќе бидат погребани ќе има и четири малолетници. Најмладата жртва што ќе биде погребана оваа година е момчето Елвир Салчиновиќ, кое имало 15 години кога било убиено. Тој бил убиен во областа Баљковица, а неговите останки беа ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2001 година.
Идентификуван е во 2011 година. Последниот мир ќе го најде со татко му Турабија и брат му Алмир, кои беа погребани во Поточари во 2003 и 2011 година.
Најстарата жртва што ќе биде погребана е Незир Муминовиќ, кој имал 65 години кога бил убиен. Неговите останки беа ексхумирани во 2007 година на подрачјето на Каменица.
На гробиштата во Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари погребани се 6.721 жртва на геноцидот извршен од тогашната војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ врз Бошњаците во 1995 година во Сребреница. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.