ekipa
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
БУКУРЕШТ
Во Романија денес се одржуваат парламентарни избори, за кои многумина се надеваат дека по петгодишните политички и општествени превирања би можеле да ја вратат стабилноста во една од најсиромашните земји во Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повеќе од 18 милиони граѓани на Романија имаат право на глас на изборите за нов состав на националниот Парламент, но прашање е каква ќе биде излезноста поради стравот од зараза со коронавирусот.
Според поголемиот број анкети спроведени пред изборите, Националната либерална партија (PNL), партија од десниот центар, би требало да го освои мнозинството во Парламентот, кој брои 465 пратенички места, со повеќе од 30% поддршка. Сепак, тоа не би било доволно за апсолутно мнозинство. Аналитичарите предвидуваат дека оваа партија ќе се обиде да формира коалиција со прогресивниот сојуз УСР-Плус (USR-Plus), за кој се проценува дека би можел да добие околу 20% од гласовите.
Противникот на Националната либерална партија (PNL) е умерената лева Социјалдемократска партија (PSD), која на претходните избори во 2016 година освои најголем број гласови и оттогаш имаше три премиери, пред Националната либерална партија (PNL) во октомври минатата година да формира малцинска влада на десен центар.
Владите што ги предводеше Социјалдемократската партија (PSD) беа цел на критики од страна на Европската Унија поради мешањето во работата на правосудниот систем и поради бројните корупциски скандали во кои актери беа некои од нејзините најпознати членови. Сепак, се очекува оваа лево ориентирана партија на претстојните избори да добие повеќе од 20% од гласовите.
Покрај обврската за носење заштитна маска, за дезинфекција на рацете и одржување социјална дистанца, не се преземени дополнителни мерки против коронавирусот во текот на одржувањето на изборите.
Во Романија се регистрирани повеќе од половина милион случаи на зараза со коронавирусот, додека од последиците на заразата со вирусот починаа повеќе од 12.000 луѓе. Речиси две третини од потврдените случаи на зараза и речиси половината од смртните случаи во земјата се регистрирани во изминатите два месеца.