Admir Fazlagic
28 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Полицијата вечерва ја испразни собраниската зграда. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се врши проверка на работните простории во Парламентот за евентуално останати лица на кои им е потребна медицинска помош, како и утврдување на бројот на повредени примени во болниците и за нивната здравствена состојба, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред Собранието и натаму се собрани граѓани, но состојбата е мирна.
Тензичните случувањата во Собранието почнаа околу 18 часот. Откако претседавачот Трајко Вељановски го прекина 20. продолжение на Конститутивната седница на Собранието претениците од СДСМ и од албанските партии, како и од ВМРО-ДПМНЕ останаа во пленарната сала.
После тоа, најстариот присутен пратеник Ферид Мухиќ, како што рече, го презеде претсседавањето со седницата и веднаш потоа таа должност му ја предаде на Горан Мисовски од НСДП. Мисовски ги повика присутните пратеници да гласаат за преминување на четвртата точка од дневниот ред-избор на претседател на Собранието. Откако констатира дека, како што рече, добил поддршка од 66 пратеници кажа дека го става предлогот Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието на гласање.
Мисовски рече дека неговиот предлог добил поддршка од 61 пратеник и објави дека Џафери е избран за претседател на Собранието. Талат Џафери потоа им се обрати на пратениците.
Истовреме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ стоејќи пред собраниската говорница извикуваа „ова е пуч“ и ја пееја македонската химна. Потоа во пленарната сала се пробија дел од учесниците на протестот „За заедничка Македонија“ и дојде до физичка пресметка.
Маскираните групи кои насилно влегоа во собранието ги држеа како заложници дел од пратениците како и некои припадници на медиумите,
Во настанатиот случај, беше повреден лидерот на СДСМ Зоран Заев, како и неколку други пратеници.
Во врска со вечерашните насилни настани се огласи и дипломатскиот кор во земјава. Во име на странските амбасадори се обрати амбасадорот на Шведска, Матс Стефансон, кој во своето обраќање изјави дека насилството е неприфатливо и повика граѓаните да се воздржат бидејќи е време за дијалог, а не за насилство.
Тој апелираше дека полицијата има обврска за одржување на редот и мирот.
Вечерва вонредна прес-кофнеренција одржа и претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов кој во своето обраќање до јавноста ги повика граѓаните да останат смирени, и упати повик до партиските лидери да дојдат на средба утре во неговиот кабинет. Претседателот Иванов ги повика на одговорно однесување сите надлежни институции и рече дека тие мораат да ги почитуваат уставот и законите на Република Македонија.