Admir Fazlagic
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата на Република Македонија ја презеде функцијата од досегашниот технички премиер Емил Димитриев, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет. За време на средбата, досегашниот технички премиер Димитриев упати честитки до новоизбраниот премиер Заев на кој му посака успех во извршувањето на премиерската функција.
Премиерот Заев истакна дека седницата на која се избра новата влада поминала во добра атмосфера и додаде дека политичарите постојат за да работат во корист на граѓаните и државата.
Претходно, членовите на Владата на Република Македонија беа примени од претседателот Ѓорге Иванов.
Новата Влада беше избрана во Собранието на Република Македонија ноќеска пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“.
Владиниот кабинет има 25 министри. Радмила Шекеринска е министер за одбрана, Оливер Спасовски за внатрешни работи, Драган Тевдовски за финансии, Никола Димитров за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за образование и наука, Горан Сугаревски за транспорт и врски, Љупчо Николовски за земјоделство, Мила Царовска за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски за култура. Кочо Анѓушев е министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор избрани се Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Од ДУИ во владиниот кабинет министри ќе бидат Хазби Лика - вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи - вицепремиер за евроинтеграции и Рамиз Мерко - министер без ресор. Садула Дураку е министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.
Министер за локална самоуправа е Сухејл Фазлиу, а министер за здравство е Арбен Таравари, и двајцата од Алијансата за Албанците.
Во текот на денот се вршат примопредавања на функциите во повеќе министерства.