Husamedin Gina
21 Декември 2020•Ажурирај: 22 Декември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, соопшти дека до крајот на годината се забрануваат сите летови од Велика Британија во Северна Македонија, како и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници од оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Заев, на денешната прес-конференција, на која беше претставен Акцискиот план на Владата за 2021 година, на новинарско прашање да информира подетално во врска со набавката на вакцините против Ковид-19, кои треба да пристигнат во првите месеци на идната година, како и за превентивните мерки што се преземаат по најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, одговори дека по одржувањето на Главниот кризен штаб е донесена одлука за забрана на сите летови од Велика Британија во Северна Македонија до крајот на годината.
Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација во домашни услови за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно од други соседни земји пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија.
Околу 20 земји, меѓу кои Германија, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Ирска, Турција и Канада, ги забранија сите летови од Велика Британија вчера, поради стравувањата од мутираната варијанта на коронавирусот, која се шири брзо.
Секретарот за здравство, Мет Хенкок, рече дека новата варијанта „излегла од контрола“.
Во саботата, неочекувано, премиерот Џонсон го воведе Нивото 4 - што е многу слично со целосен карантин - за милиони луѓе откако изјави дека новата варијанта предизвикува голем пораст на случаите.