Zülfiya Yakup
28 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
ПРИШТИНА (АА) - Полицијата на Косово, во соработка со Инспекторатот на полицијата на Косово и со помош на други релевантни единици спроведува операција во подрачјето на Северна Митровица која резултираше со притворање на неколку полицајци и граѓани, пренесува Anadolu Agency.
На оваа полициска операција, како што е соопштено од полицијата на Косово, претходела повеќемесечна истрага на Инспекаторатот на полицијата на Косово и Полицијата на Косово, предводена од Специјалното обвинителство, што резултирала со основано сомнение дека некои полициски службеници и граѓани се вклучени во кривичното дело учество или организација на криминална група во врска со дела како криумчарење стока, злоупотреба на службена позиција, подмитување, забранета трговија итн.
„И покрај наидувањето на оружен отпор во Северна Митровица, полициската операција продолжува, вклучувајќи апсење и контрола на некои локации, што резултираше со конфискација на релевантни докази, вклучувајќи и оружје“, се наведува во соопштението на полицијата на Косово.
Полицијата на Косово соопшти дека акцијата која денеска се реализира на северот на Косово не се однесува на случаите на убиство на полицискиот специјалец и народен херој Енвер Зимери, ниту на политичарот Оливер Ивановиќ, како што тоа го пренеле одредени локални и српски медиуми.
Полицијата на Косово потсетува дека, како што наведе во претходното соопштение за медиуми, на денешната полициска операција претходела едномесечна истрага на Инспекторатот на полицијата на Косово и Полицијата на Косово, според налог на Специјалното обвинителство на Косово, што резултирало со основан сомнеж дека некои полициски службеници и некои граѓани учествувале во криминални активности „учество или организација на криминална група“.
„Оваа полициска операција и понатаму е во тек, а како резултат на отпорот во Северна Митровица, еден полицаец е повреден, но е надвор од животна опасност, додека неколку полицајци и граѓани досега се уапсени и запленети се различни работи, вклучувајќи и оружје“, пишува во соопштението на полицијата на Косово.
- Харадинај ги повика Србите на северниот дел на Косово да го зачуваат мирот и да го почитуваат законот
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, соопшти дека во цело Косово е во тек полициска операција по налог на Обвинителството, насочена кон поединци вклучени во криумчарење, организиран криминал и други кривични дела.
Харадинај на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека некои од лицата вклучени во тие криминални работи биле царински службеници, полицајци и обични граѓани и дека операцијата успешно се спроведува и во општините на северниот дел на Косово.
„Како премиер на земјата потврдувам дека се работи за спроведување на закон и ништо друго. Ги повикувам Србите на северниот дел да го зачуваат мирот и да го почитуваат законот!“, напиша премиерот Харадинај.