Abdula Berisha
08 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
ОХРИД (АА) - Лидерите на Црна Гора и на Босна и Херцеговина првпат се дел од Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“, што овој пат се одржува во Охрид, јавува Агенција Анадолија (AA).
На првата сесија на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ се обратија премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, кои изразија поддршка за иницијативата.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, во својот говор рече: „Не можеме да го промениме минатото, сѐ што можеме да промениме е иднината. Наш избор е дали ќе ја гледаме иднината како што беше досега на Западен Балкан или ќе ја гледаме поинаку. Иницијативата „Отворен Балкан“, и тоа е причина што сме денеска овде, ја доживувам како една испомош да создадеме заедничка подобра иднина“, рече Абазовиќ.
Тој, исто така, додаде дека Владата на Црна Гора ќе ја поддржи секоја иницијатива што може да донесе напредок.

Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, истакна дека се надева дека ќе биде последниот претставник на неговата земја што доаѓа на самитот како набљудувач или гостин, а во иднина претставниците на Босна и Херцеговина ќе зборуваат како членови на иницијативата „Отворен Балкан“.
„За жал, во Босна и Херцеговина нема консензус за проектот „Отворен Балкан“. Нема сериозен одговор зошто, нема ниту негативен одговор. Едноставно владее молк“, рече Тегелтија.
Тој рече дека бизнис-заедницата и граѓаните на Босна и Херцеговина ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“. Исто така, изрази надеж дека ќе се постигне политички консензус во земјата и дека Босна и Херцеговина, порано или подоцна, ќе биде дел од иницијативата.
Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално опфаќа економска и политичка област меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, која има за цел да ги поттикне можностите за трговија и размена за околу 12 милиони луѓе, како и да ја поттикне интеграцијата на трите земји во Унијата.