Vesna Besiç
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
ВЕЛИКА КЛАДУША (АА) - Повеќе од стотици мигранти и втората ноќ ја поминаа во импровизирани шатори во близина на граничниот премин Велика Кладуша - Маљевац, на границата помеѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
На граничниот премин моментално е мирно. Полицијата постави жолта лента на околу 100 метри од границата со Хрватска и постави кордон. На мостот, на границата на БиХ и Хрватска, и понатаму се наоѓаат помал број припадници на хрватската полиција.
Мигрантите, меѓу кои има и жени и деца, под отворено небо поминаа уште една ноќ. Граничниот премин „Маљевац“ е одблокиран, меѓутоа, сообраќајот сѐ уште не е во функција.
Портпаролката на Граничната полиција на БиХ, Санела Дујковиќ, потсети дека мигрантите синоќа во неколку наврати се обиделе да преминат во Хрватска, имало турканици, но не и физички судири.
„Имаше повредени. Најбитно е дека станува збор за полесни телесни повреди. Повредени се тројца мигранти и три полициски службеници на Граничната полиција на БиХ“, истакна Дујковиќ.
Повредените припадници на Граничната полиција, како што изјави таа, се вратени во кордонот.

„Во текот на ноќта ситуацијата на меѓународниот граничен премин Велика Кладуша - Маљевац и на мостот беше мирна. Утринава можеме да забележиме дека на половина е помал бројот на мигрантите кои дојдоа на ова место во обид да преминат на хрватската страна.“
Како што нагласи, сообраќајот до преминот е оневозможен.
„Одблокиран е и преминот, и ние од Министерството за внатрешни работи на Хрватска очекуваме во следните неколку часа да го пуштат сообраќајот во функција. Припадниците на Граничната полиција се обидуваат со преговори, без употреба на сила, почитувајќи го целосно меѓународното хуманитарно право, да ја решат ситуацијата. Мигрантите, никогаш на овој начин нема да преминат на хрватската страна“, изјави Дујковиќ.
Меѓутоа, таа порача дека не се исклучува тоа дека ќе се преземат полициски мерки, бидејќи станува збор за граничен премин.
„Се надеваме на најдобро решение, бидејќи ни е навистина грижа за овие луѓе. Без оглед на тоа што се преполови бројот на луѓето кои се наоѓаат тука, сѐ уште тука е одреден процент на жени и деца, кои се тука веќе две ноќи“, додаде Дујковиќ, наведувајќи дека во Велика Кладуша е и раководството на Граничната полиција каде што денес ќе одржи состанок со другите полициски органи.