Admir Fazlagikj
12 Јануари 2018•Ажурирај: 13 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денеска на спомен-обележјата кај Катлановско Блаце, пред командата на Воздухопловната бригада во касарната во Петровец и во касарната Бутмир во Сараево беа положени венци со свежо цвеќе во спомен и почит кон припадниците на Армијата на Република Македонија, кои пред десет години загинаа при пад на армиски хеликоптер на враќање од мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на спомен-обележјето кај Катлановско Блаце порача дека денешниот ден е ден кога се одбележува жртвата на 11-те припадници на Армијата, но и ден на кој се потсетува на ризикот кој го преземаат припадниците на АРМ и со нивната работа и со заштитата на безбедноста на државата, но и со учеството во мировните мисии. Таа истакна дека државата тоа мора да го цени, мора да го вреднува и да го наградува.
Како што информираше МИнистерството за одбрана на Република Македонија, Шекеринска порачала дека во разговор со дел од семејствата биле пренесени критики во поглед на истрагите за причините на падот на хеликоптерот.
„Ја превземав обврската дека сите податоци, извештаи коишто се достапни во Министерството за одбрана, ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител, доколку се уште постојат дилеми за кои што слушаме, околу причините коишто доведоа до трагедијата“, рече министерката Шекеринска.
Почит на загинатите припадници на АРМ им оддадоа и членовите на семејствата, како и делегации од Армијата на Република Македонија и од Кабинетот на Претседателот.
Исто така, На спомен обележјето во базата Бутмир во Сараево, венец со свежо цвеќе положи заменик-министерот Беким Максути.
Хеликоптерот Ми-17 се урна на 12 јануари 2008 година. Во несреќата, животот го загубија 11 припадници на Воздухопловната бригада (ВБР) на АРМ.