Admir Fazlagic
22 Април 2017•Ажурирај: 23 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Македонија денеска го одбележува Светскиот ден на планетата Земја, којшто има цел да го подигне нивото на свесност кај нејзините жители за зачувување на животната средина, пренесува Anadolu Agency (AA).
На тој начин сака да се укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење, исцрпувањето на ненадоместливите енергенси. Следејќи го слоганот „мисли глобално – делувај локално“, Ротари клуб од Битола Широк Сокак овој ден го посветува за свртување на вниманието кон пошироката јавност на значењето на почвата за целокупниот живот на Пленетата Земја и опстанокот на човекот.
Како што соопштија, тие ќе донираат 500 садници трендафили кои ќе бидат распределени по основните и средните училишта во општина Битола и јавните институции.
Според нив трендафилите имаат улога на прочистувачи на почвата, водата и воздухот од тешки метали. Тие во своите цветови апсорбираат големи количества на олово, цинк и кадмиум, тешки метали кои се исклучително штетни по здравјето на луѓето, особено врз децата.
Инаку, Денот на планетата Земја се одбележува во повеќе од 193 држави. Обединетите нации со низа манифестации ќе се обидат да мобилизираат милиони луѓе да создадат одржлива, здрава природна средина со озеленување на градовите ширум светот. За таа цел, организираат и кампања „Зелени градови“.