Admir Fazlagic
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Кривичниот суд во Скопје денес беше соопштена пресудата за 37-темина обвинети од оружената група од Куманово, за настаните во кумановската „Дива Населба" во мај 2015 година, според која седуммина лица добија доживотни затворски казни, четворица се ослободени од обвинението, а останатите обвинети добија затворски казни од 12 до 40 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Според пресудата на судот за делото „терористичко организирање“ и „тероризам“ од Кривичниот законик, седумтемина обвинети добија доживотна затворска казна, 13 лица добија затворска казна од 40 години, шест лица добија затворска казна од 20 години. Едно лице доби затворска казна од 18 години, две добија затворска казна од 14 години, двајца обвинети 13 години, додека на други две лица им беше изречена затворска казна од 12 години.
Во отсуство на докази за време на судскиот процес, четири лица се ослободени од страна на главната судијка Верка Петровска.
Осудените во судскиот процес за „Дива Населба“ во Куманово воопшто не ја слушаа пресудата на судот, бидејќи кога главната судијка Петровска ги читаше воведните зборови, тие станаа и почнаа да ја пеат националната химна на Албанија и други песни за да се спречи извршувањето на процесот, при што главната судијка нареди тие да се изнесат од салата.
Насер Рауфи, адвокат од одбраната, во изјава за медиумите по завршувањето на судскиот процес, истакна дека казните се драконски, што дури и го очекувале, бидејќи како што рече тој, целиот процес бил диригиран од стана на обвинителството и оти е монтиран.
„Очекуваме меѓународниот фактор да се ангажира за овој случај бидејќи такво нешто е ветено, дури и од страна на министерот за правда. Само со меѓународна истрага може да се разјасни случајот, бидејќи јасно е дека станува збор за монтиран процес од страна на разузнавачката служба. Овие лица се манипулирани за други интереси“, рече Рауфи, кој истакна дека ќе поднесат жалба за соопштената пресуда.
Потсетуваме, на 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива Населба, вооружена група се судри со безбедносните сили.
Во престрелката загинаа осуммина полицајци од специјалните и од посебните единици на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, а четириесетина беа тешко повредени. Загинаа и десет лица од вооружената група.